X
 05.10.2016 Здравје

Што ви го краде ноќе сонот?



Несоница


Саатот е два после полноќ, а вие сте целосно будни. На што се должи тоа? Будењето среде ноќ е нормална работа и дел од човечката ДНК, вели д-р Хозе Колон, основач на центарот Paradise sleep и автор на книгата The sleep diet.

„Никој не преспива цела ноќ“, кажува д-р Колон. Згора на тоа, тој вели дека четири до шест будења во ноќта се нормална работа.

„Оваа појава датира уште од времето на пештерскиот човек, кога еден ќе се разбудел, ќе ја проверел околината, за да се увери дека нема ѕверки опасни по живот, и повторно ќе се врател на спиење.“

Последниот дел е најважен: да можете без проблем да презаспиете. Ако не можете, причините побарајте ги меѓу следниве четири кратци на сонот.


Крадец број 1: Жешко ви е и се препотувате

Според Меѓународната организација за спиење (NSF), ако ви е жешко, потешко би заспале или би продолжиле да спиете.

„Температурата во просторијата, облеката што (не) ја носите за спиење, потоа чаршафите и покривките – ја одржуваат телесната температура“, вели д-р Марк Ливеј, специјалист за примарна нега во болницата Мерси во Балтимор.

Решение на проблемот:
Спиењето може да им биде пријатно на луѓето на различни температури. Но, температурата во собата треба да биде помеѓу 15 и 18 степени. Купете си постелнина од материјал што „држи“ ладно или избањајте се пред спиење.

„Топлата бања пред спиење ја покачува температурата на телото додека сте во кадата, а кога ќе излезете, температурата полека се симнува – тоа е сигнал до мозокот дека сте подготвени за спиење.“


Крадец број 2: „Киснете“ на фејсбук доцна во ноќта

Ако навечер сте се научиле да „скролате“ по Твитер и Инстаграм, си го нарушувате сонот.

„Вечерното изложување на очите на неприродна светлина, го спречува создавањето мелатонин, хормонот за спиење“, објаснува д-р Ричард Ханслер, истражувач од факултетот Џон Керол.

Светлината од екраните на таблетите или смартфоните што луѓето ги држат блиску до лицето, го нарушуваат сонот.

Решение на проблемот: Затемнете ги светлата во спалната соба и потрудете се саат време пред да отидете в кревет да не гледате во никаков извор на светлина.

Мислите дека тешко би го постигнале ова? Истражувањата покажале дека сината светлина од телефонот најмногу го нарушува сонот.

Намалете ја светлоста на телефонот или таблетот и држете ги барем 30 сантиметри подалеку од лицето, за да ги намалите негативните ефекти од уредите врз сонот.


Крадец број 3: Сте пиеле алкохол

Иако после вториот коктел ќе ви дојде дремка, сепак, алкохолот може да се испречи меѓу вас и сонот.

„Алкохолот има седативно дејство, што ќе ви овозможи полесно да заспиете. Но, само во текот на првите неколку часа, додека организмот го вари и додека не стигне до РЕМ фазата од сонот, кога најмногу се одмораме.“

Недостатокот од РЕМ сонот ја прави немирна другата половина од ноќниот одмор.

Решение на проблемот: Кој „коктел“ е најдобар пред спиење? Не постои таков, вели д-р Ливеј. (Постои вистинска причина зошто happy hour средбите се предвидени рано навечер.) Не претерувајте со алкохолот и престанете да пиете неколку часа пред спиење. На тој начин, организмот ќе има доволно време да го обработи алкохолот.  


Крадец број 4: Изложени сте на стрес

Стресните ситуации, на пример, напорната работа, може да предизвикаат немирен сон.

„Редукцијата на стресот со помош на медитација и опуштање има силно влијание врз нарушениот сон и честото будење  предизвикано од стресот“, вели д-р Лекејша Самнер, клинички психолог од универзитетот
Калифорнија во Лос Анџелес.

Самнер додава дека медитацијата и сличните техники помагаат да се намали загриженоста и да се подобри расположението, што го поддржуваат цврстиот сон.

Решение на проблемот: Медитацијата или јогата можат да ви помогнат да спиете поцврсто. Д-р Самнер им препорачува на луѓето што имаат сериозни проблеми со несоница, да побараат стручна помош од психотерапевт. На пример, когнитивно-бихејвиористичката терапија го подобрува квалитетот на сонот на начин што му помага на мозокот да стекне контрола врз мислите што продуцираат стрес и го „крадат“ сонот.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје