X
 14.01.2025 Живот

Пет причини зошто пожарите во Лос Анџелес се толку интензивни

Шумските пожари кои неконтролирано се шират уништуваат делови од Лос Анџелес, во американската сојузна држава Калифорнија, и оставаат пустош зад себе. Ова се најлошите шумски пожари во историјата на градот, кои проголтаа најмалку 12.500 хектари земја и принудија десетици илјади луѓе да се евакуираат.

Најмалку 24 луѓе ги загубија животите, илјадници згради се уништени, десетици илјади луѓе се евакуирани. И покрај напорите на пожарникарите, најголемите пожари не се локализирани. Неколку пожари горат низ градот, соопштија пожарникарите во Калифорнија.

Пожарот во Палисадес, кој избувна прв, сè уште е најголем и веќе изгоре големи области, вклучувајќи го и Пацифик Палисадес, богат кварт во Лос Анџелес каде што домови имаат многу познати личности, меѓу кои и актерот и режисер Мел Гибсон и наследничката на синџирот на хотели, Парис Хилтон.

Се истражуваат причините за овој и уште три други пожари во областа. Нов пожар наречен Кенет избувна во четвртокот во населбата Вест Хилс во градот. Еден човек е уапсен под сомнение дека го подметнал овој пожар. Поради прекинот на струја, делови од градот се во мрак, а сообраќајниот метеж е огромен додека жителите се обидуваат да се евакуираат. Училиштата и универзитетите се затворени. Но, зошто овие пожари во Лос Анџелес се толку интензивни и зошто се шират толку брзо?

Многу „гориво“ за огнот

Експертите велат дека обилните врнежи во 2024 година, поврзани со климатскиот феномен познат како Ел Нињо, создале услови за висок ризик од пожар оваа зима.

- Врнежите пред пожар може да поттикнат значителен раст на вегетацијата, што потоа станува потенцијално огнено гориво - објаснува Рори Хаден, истражувач на пожари на Универзитетот во Единбург, Шкотска.

- Оваа комбинација на влажно време во 2024 година, проследено со посув период, создаде совршени услови за ширење на пожарот - вели Марија Лусија Фереира Барбоса, научник за шумски пожари во Центарот за екологија и хидрологија во Велика Британија..

Ветровите на Санта Ана дуваат како „фен за коса“

Топли и суви ветрови од Санта Ана дуваат силно од пустината во Калифорнија и носат чад од шумски пожари до морето. Силните ветрови го разгореа пламенот од планините западно од Лос Анџелес, кои брзо ја запалија сувата вегетација и се проширија во населбата Пацифик Палисадес во близина на Санта Моника. Овие ветрови, кои често се топли и суви, црпат повеќе влага од вегетацијата. Сепак, поради брзината на овие ветрови од пустината Калифорнија, пожарите се особено интензивни. Ветровите познати како Санта Ана имаат ефект на фен за коса и прават шумските пожари да се шират непредвидливо.

Трупци и жар

Силните ветрови ги разнесуваат жарчињата од огнот и на тој начин ги шират пожарите. Овие ветрови не само што го разгоруваат огнот, туку и дуваат остатоци и жар, што се главната причина за ширење на шумските пожари неколку километри подалеку. Освен што предизвикуваат материјални штети, отпадот и жарот се исклучително опасни за луѓето.

Ридови и кањони

Ридестиот релјеф на областа Лос Анџелес, исто така, го зголемува ризикот од шумски пожари. Пожарите се шират исклучително брзо по угорница. Географските карактеристики како што се клисурите можат да предизвикаат многу екстремни однесувања на пожарите, па е многу тешко да се изгаснат, објаснуваат експертите. Таквата топографија ја отежнува и евакуацијата.

Климатски промени

Се верува дека обилните врнежи во 2024 година поврзани со Ел Нињо придонеле за интензитетот на пожарите. Експертите велат дека климатските промени ја зголемуваат веројатноста за вакви пожари. Истражувањето на американската влада покажува дека овие промени го зголемиле ризикот од шумски пожари, како и нивниот интензитет.

По многу топлото лето и недостигот на дожд во последните месеци, Калифорнија е особено ранлива на шумски пожари. Сезоната на шумски пожари во Јужна Калифорнија обично трае од мај до октомври, но гувернерот на државата, Гевин Њусом, истакна дека таа повеќе не е ограничена на одредени месеци.

Пожарникарите даваат трошка надеж бидејќи временските услови за шумскиот пожар во Јужна Калифорнија се намалени од „екстремно критични“ на „критични“. Сепак, синоптичарот на Би-би-си, Сара Кит Лукас, забележува дека во областа не се предвидуваат врнежи од дожд барем до следната недела, што значи дека условите остануваат поволни за пожари.

Шефот на пожарникарите во Калифорнија, Дејвид Акуна, исто така предупреди дека ветровите би можеле да предизвикаат дополнително уништување во областа во наредните денови.

Осигурителната индустрија е загрижена дека ова може да биде еден од најскапите шумски пожари во историјата на САД, со огромни загуби поради исклучително вредниот имот кој е уништен во пожарот.


Ситуацијата дополнително се усложнува поради фактот што резервоарите за вода во градот се предвидени за локални пожари, а не за оние што зафаќаат толку голема површина. Постојната инфраструктура не може да обезбеди пренос на потребната количина вода на долги растојанија и под потребниот притисок.

Извор: bbc.com/serbian

Фото: BBC Screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот