X
 17.10.2016 Култура

Стефан Марковски, автор: Нобеловата за Дилан ми се причини паравест

Тенденцијата на „меинстримизирање“ и „трампизација“ на наградата е апсолутно недозволива со оглед на нејзиното реноме и одговорност и е подеднакво блатантна утка со изборот за 1953-та (Винстон Черчил) и со недоделувањето на ова врвно признание на автори од рангот на Толстој, Чехов, Твен, Зола, Џојс, Пруст, Џејмс, Борхес...

Многу повозрасни автори не би можеле да се пофалат со творештво како неговото, разновидно по жанр, провокативно по мисла. На неполни 26 години Стефан Марковски е автор на еден роман, три стихозбирки, три филозофски дела, збирка раскази, а подготвува сценарио за филм. Негови дела веќе се наградувани. Тој дипломирал на Општа и компаративна книжевност, апсолвент е на Филозофскиот факултет, а е постдипломец на Факултетот за драмски уметности, на филмско и ТВ-сценарио. Книгата „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ беше избрана, заедно со дела на уште тројца млади автори, за најдобра во проектот „Воведување на младите талентирани автори во дигиталната издавачка индустрија“ што фондацијата „Македоника“ го спроведува во соработка со Меѓународниот фонд за промоција на културата на УНЕСКО. Добитник е и на наградата „Македонска книжевна авангарда“. Негово последно дело е стихозбирката „Ин номине“. Од оваа учебна година Марковски е и професор по филозофија во гевгелиската гимназија, засега само на замена. Голем љубител е на борачките вештини – кикбокс, бразилско џиу-џицу. Со Стефан разговараме на повеќе теми.



Факултети.мк Можат ли наградите да го свртат вниманието на читателската јавност за новите имиња што доаѓаат?


-Колку и да сакам да одговорам потврдно на тоа прашање, реално тешко дека каква било награда (барем од оние што се доделуваат на домашна територија) би можела значајно да ја смени ситуацијата со книжевната публика, чија бројност веќе со години константно опаѓа, сведувајќи ја на затворен и ограничен читателски круг. За жал, сведоци сме дека кампањскиот и маркетиншки заснован пристап кон книжевноста е оној кој, наспроти наградите, е основна детерминанта на читаноста. Одговорот на секое прашање за улогата на наградите врз читаноста, развојот на книжевноста и мотивацијата на авторите секогаш треба да земе предвид мноштво аспекти, но да се надеваме дека пред сè оние награди што сè уште ги сметаме за релевантни и недевалвирани ќе успеат колку-толку нашата скромна публика да ја одржуваат будна и свесна за квалитетот на домашните автори.

Играта со жанровите е радосно искушение

Факултети.мк: Боб Дилан стана нобеловец. Светската јавност е поделена дали е заслужена. Кој е твојот став?

-Откако ја прочитав одлуката на нобеловиот комитет признанието за литература да се додели за Боб Дилан, инстантно ме стрефи мислата дека се работи за паравест. Тенденцијата на „меинстримизирање“ и „трампизација“ на оваа награда е апсолутно недозволива со оглед на нејзиното реноме и одговорност и е подеднакво блатантна утка со изборот за 1953-та (Винстон Черчил) и со недоделувањето на ова врвно признание на автори од рангот на Толстој, Чехов, Твен, Зола, Џојс, Пруст, Џејмс, Борхес... На, инаку одличниот текстописец Боб Дилан, добитник на безброј „Греми“ награди, вклучувајќи и признание за животно дело, апсолутно не му е потребна Нобелова за афирмирање на неговото дело како музички генијалец. Нобеловата награда за литература важи за традиционално афирмативна и мотивирачка, како за писателите, така и за читателите ширум планетата. Таа била, а верувам, и ќе остане најреспектабилно книжевно признание во светски рамки.

Факултети.мк: „Да не знаев пред колку лета си роден, ќе кажев: Ова мора да е некој што не е веќе меѓу нас!“ – коментарот на твој читател кажува многу за тебе. Стилот и темите на кои твориш навистина укажуваат на зрел автор. Имаш ли потреба да им се допаднеш на читателите, пишуваш ли за публиката?

-Моите стилови се умеења стекнати со годините интензивно посветени на паралелно творење и читање дела во кои транспонираат најразлични поетички нишки. Ако за романот „Еднонасочно“ во 2009-та бев наречен неоегзистенцијалист или постмодерен раскажувач, денес атрибуирањето каков било –изам како печат на моето творештво е проследено од релативизам. И вистински ми е драго што креативноста ме тера на постојан натпревар со константноста на книжевните тертипи и калапите кои го прават еден автор „впечатлив“ и „препознатлив“. Ова е особено видливо во мојата проза, додека мојата еволуција како поет е забележлива во постепеното префинување на метафорите, минимизирањето на различните „непотребни“ (делови од) зборови и промената на структурата.



Факултети.мк: Постојано играш со жанровите. Се чувствуваш ли така покомотно?

-Играта со жанровите е радосно и благопријатно искушение на кое, ми се чини, никогаш нема да одолеам од едноставната причина што не гледам ригидни ограничувања помеѓу поезијата, прозата, а од поново време драматургијата и сценариото во контекст на својот креативен израз. Тие се дел од мене. Сите ми се неопходни и кога би бил принуден да се одлучам за еден и единствен жанр, би бил некомпатибилен за носење епитети од типот на слободен и жив во целосното значење на тие термини.

Факултети.мк Член си на ДПМ. Тоа е писателска асоцијација која со децении е раководена од доајени-автори. Сметаш ли дека таму треба да дувне и понов ветар?


-Да дувне и да донесе „чудни зборови само по звук оформени во протест и бунт“ (С. Јаневски). Само силен ветар, бура може да ја истера маглата надвиена над малиот затворен кружок кој господари со културниот живот во земјава. Од друга страна, јукстапозиционирајќи ја македонската книжевност која произлегува од поновите генерации со постарата, како на план на поезија така и на план на проза, го забележуваме изобилството сензибилитети, стилистики, светопоимања и поставености на релација автор-читател. Со малобројни, иако не и безначајни исклучоци, наративните и социјално-референтните модели кај авторите од постарите генерации се засноваат на застарени, знатно осиромашени, неинтерактивни и неиновативни методи кои во ретки случаи повикуваат на вистинска општествена промена, а уште поретко тоа го произведуваат, т.е. реализираат успешно. Затоа несомнено прашањето не е дали ветрот ќе задува, туку кога. Наше е да обезбедиме ова да се случи што порано за младите и квалитетни македонски писатели да бидат носители на културните придобивки и меѓународната афирмација на оваа земја.

Факултети.мк: Поезијата е многу интимна уметност, која веројатно најдобро се доживува кога човек е сам и во соодветни услови. Кој е твојот став за поетските читања?   

-Зависи од самиот тип на читањето, од авторите и нивната интерпретација. Неквалитетна поезија понекогаш може да зазвучи продорно и моќно доколку ја прочита професионалец, како што врвната може да се заглуши во нејаснотијата на аматерската интерпретација. Самиот концепт на поетските читања ми е интересен, правејќи ме редовен посетител на некои од нив.  



Филозофијата ми е задоволување интелектуални апетити

Факултети.мк: Филозофијата ти е вокација. Кога се вљуби во неа?


-Се сеќавам на една моја дебата со татко ми кон средината на  основноучилишните денови во врска со постоењето на Бог. Сфатив дека сум атеист и посегнав кон тоа да се обидам објективно да го докажам непостоењето на натприродните сили. Најпрвин мислев дека е тоа остварливо со помош на математички равенства и мерливи експерименти. Ваквиот светоглед ми ги покрена созерцателните сили и ме насочи кон поголема посвета кон филозофско-теориските книги, отворајќи ја за мене вратата кон природонаучните дисциплини, што беше и една од причините поради кои најпрвин се запишав на Физика при ПМФ, за набргу да се префрлам на Општа и компаративна книжевност, а потоа и паралелно да запишам Филозофија. Заземајќи агностички светоглед, а потоа релативизирајќи ја важноста на ова, како и на онтолошко-гносеолошките, но и етичко-естетички прашања во најтесна врска со прашањето за Бог и натприродните сили, денес мојот интерес за филозофијата е во функција како на задоволување на моите интелектуални и емоционални апетити така и на упатување апел преку книжевниот медиум за можните патишта кон подобро, поорганизирано и посреќно човештво.

Факултети.мк На што е фокусиран немирниот творечки дух периодов?

-Откако пред еден месец напишав поетска збирка за помалку од десет дена, одлучив да направам привремена пауза од овој жанр, фокусирајќи се кон пишување и преведување сценарија за краткометражни филмови, филмолошки, книжевно-теориски и истражувачки есеи, научни трудови, како и рецензии за други поети и прозаисти. Истовремено, изготвив антологија на значаен број македонски поети и прозаисти родени од 70-тите наваму, а која би требало да биде објавена во ноември. Големиот број обврски со стриктни рокови ми го стопираа пишувањето психолошки роман.  
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура