X
 21.05.2019 Живот

Интервју со Василика Калајџиска стипендист на ОКТА: „Инвестирањето во образование е од исклучително значење, како за личноста така и за општеството во целина“

Вие сте една од добитничките на стипендиите за постдипломски студии во Грција што ги доделуваат ОКТА и Хеленик Петролеум. Што ви овозможи оваа стипендија?

ВК: Како добитничка на целосна стипендија од ОКТА и Хеленик Петролеум се здобив со единствена можност тесно да се усовршам во областа на енергетиката, и тоа од правна, економска и од областа на стратегијата. Иако мастер програмата трае една година (2 семестри), истата користи сеопфатен и практичен пристап кој е од огромно значење за идната примена на стекнатите знаења. Содржините кои се разработуваат се прилагодени и се пренесуваат на начин кој дозволува студент со каква било позадина да може да ги разбере и потоа да ги репродуцира.

1

Станува збор за стипендија на Универзитетот во Пиреја кој е еден од најпрестижните универзитети во Грција. Што точно покрива стипендијата?

ВК: Универзитетот во Пиреја е многу ценет во Грција и има соработка со многу европски и светски образовни и научни институции. Што се однесува до стипендијата, таа го покрива комплетниот износ на трошоците за школарината, како и месечните трошоци за живот. Тоа значи дека стипендистот е целосно ослободен од секакви трошоци поврзани со финансирање на студиите и со лично финансирање.

Вие сте дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во која насока го продолживте образованието во Грција и дали ви се исполнети очекувањата што ги имавте од студиската програма?

ВК: Како што кажав и на почетокот, студиската програма се вика Енергетика: Право, економија и стратегија. Јас како дипломиран правник имав желба да се усовршам во област која е од особена важност на светско ниво, а која кај нас сè уште не е истражена и разработена до детали, особено од правен аспект. Оваа мастер програма ми овозможи покрај правничкиот дел, да се стекнам и со знаења кои еден правник мора да ги има предвид, без разлика дали работи на спор од областа на енергетиката или пак учествува во составување закон од истата. Сеопфатноста од повеќе аспекти е неизбежна за да може еден професионалец успешно да работи во иднина.

2

Околу осум месеци живеете во Атина. Кажете нѝ нешто повеќе за животот во градот. Дали нуди интересни и соодветни содржини за студенти?

ВК: Животот во Атина е многу брз и модерен. Студентите тука се третираат како категорија која ужива голем број погодности и можности. Секако постојат многу опции за забава и дружење, но побитно, тука студентите уживаат привилегии, како на пример, слободен влез во музеи и други научни институции, како и значително пониски цени за градски транспорт и слично. Би рекла дека има значителна разлика меѓу студентскиот живот тука и оној којшто го водев кога студирав во Скопје.

Со оглед на тоа што по завршување на постдипломските студии ќе имате понапредно знаење, какви ви се плановите во однос на професионалната кариера?

ВК: По завршување на моите студии во Пиреја, како и по одбрана на магистерскиот труд сакам да почнам со стажирање, со цел да се стекнам со практични знаења од мојата струка. Имам желба да се реализирам во областа на правото, многу си ја сакам професијата и сметам дека моите знаења стекнати на мастерот само дополнително ќе ми помогнат да станам добар практичар. Од аспект на тоа каде би ја продолжила кариерата, себеси се гледам во својата земја.

3

Стипендијата односно школарината и трошоците за живот во Атина ви се овозможени од ОКТА и Хеленик Петролеум. Дали сметате дека поддршката на младите образовани луѓе е добра пракса и корпоративна политика?

ВК: Апсолутно сметам дека инвестирањето во образование е од исклучително значење, како за личноста така и за општеството во целина. Компаниите имаат можност да придонесат истото да се запази на повисоко ниво. Сметам дека примерот на ОКТА треба да го следат и останатите корпорации во земјата. Само на тој начин едно општество ќе оди напред и ќе се подобрува стандардот во него. Средствата вложени во образование се инвестиција во иднината на личноста, но и на заедницата во која таа личност ќе работи и егзистира.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот