X
 20.10.2016 Технологија

Благодарение на Атлантскиот Океан ќе создаваат струја за 100 илјади домови



Компанијата Tidal Lagoon Power од Велс во подрачјето на заливот на Свонси, ќе направи електрана што ќе биде отворена за јавноста...


Лагуна во Свонси


Последниве децении постојано се зборува за заштита на околината и одржливо живеење. Во повеќето случаи сè се сведува само на зборови, но овој пример во Обединетото Кралство го докажува спротивното.

Тимот на Tidal Lagoon Power од Велс смисли начин како да ја користи енергијата од океанот, претворајќи ја во струја. На подрачјето на заливот на Свонси, двапати во текот на денот се појавува плима со висина од седум до девет метри. Компанијата ја замисли „електраната“ како извор на електрична енергија за сто илјади домови.

Првично, треба да се изгради насип со должина од 9,5 километри, што ќе создаде лагуна со површина од 11,5 километри квадратни. Со специјални машини, од дното на морето ќе се вшмукаат и отстранат песокта и чакалот и ќе се испумпаат во платнени геоцевки со голема моќ. Потоа се редат тубите во слоеви една врз друга, а просторот меѓу нив ќе се полни со песок. На тубите се редат различни видови камења, со цел да се формира бариера што ќе ја оддели лагуната од морето. Најпрво се поставуваат помалите камења, а потоа поголемите. На врвот на насипот ќе се изгради шеталиште по целата должина на лагуната, на висина од три метри над највисокото ниво на морето.

Во еден дел од насипот ќе биде поставено бетонското куќиште на турбината, долго 550 метри, а секоја од 26-те турбини поставени во него ќе биде висока шест метри и долга 18 метри, а ќе генерира 16 мегавати електрична енергија на час (MWh).

Кога плимата го крева нивото на морето, крилцата на турбините се затвораат, со што лагуната се изолира и се создава разлика меѓу нивото на морето и лагуната. Кога крилцата ќе се отворат, водата ќе се влее во лагуната, придвижувајќи ги турбините, генерирајќи струја. За време на осека, процесот е обратен, при што повторно се произведува струја. Со две плими во денот се овозможуваат четири циклуси за производство на електрична енергија.

Компанијата има намера лагуната да биде нешто повеќе од обична електрана. Насипот ќе биде отворен за јавноста, а по него ќе може да се пешачи, да се вози велосипед или да се ужива во возењето со електричниот воз. Разни уметнички дела ќе красат делови од лагуната, а кога ќе се стемни, ќе засветат големите сијалици во облик на бисери, што ќе го осветлуваат патот до Каменица, самоодржливиот едукативен центар. Лагуната ќе прерасне во спортско рекреативен центар, а во план се натпреварувања во триатлон, едрење и веслање. Во лагуната ќе има и морска фарма, што ќе служи за одржување на биоразновидноста.

Сето тоа ќе чини 760 милиони евра.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија