X
 24.10.2016 Образование

Како да најдете работа во Шведска?

Граѓаните на земјите што не се дел од Европската Унија може да аплицираат за престој во Шведска до 6 месеци по нивните студии во државата за да најдат работа. Ако најдат, може да побараат и работна дозвола.

Шведска


Ако планирате да студирате во Шведска или моментално сте на студии таму, еве како полесно да ја почнете Вашата кариера:

1. Регистрирајте се во кариерниот центар на универзитетот: првата дестинација треба да Ви биде на Вашиот универзитет. Кариерните центри нудат советување, помош при изработка на CV и мотивациско писмо, семинари и работилници, подготовки за интервјуа и слично. Обично, тие нудат и листа на можности за работа, пракси и проекти.

2. Посетувајте саеми за вработување:
шведските мултинационални компании како Волво или ИКЕА и други помали компании или банки редовно учествуваат на саеми за вработување за да најдат нови вработени. На саемите има подобри можности да се најдат кандидати од областа во која компаниите имаат потреба. Понесете со себе и CV и мотивациско писмо и размислете со кои компании би сакале да остварите контакт.

3. Научете шведски јазик: во Шведска може лесно да ги поминете студиите само со англискиот јазик и во многу големи компании тој се користи како службен. Но, ако го знаете јазикот на државата во која престојувате, дефинитивно ќе Ви се отворат многу врати за работа и социјален живот.

4. Искористете некоја можност за пракса:
праксата е одлична можност да добиете искуство и да почнете да ја градите Вашата професионална мрежа. Иако можеби нема веднаш да добиете работа на истото место, ќе бидете поконкурентни кога ќе барате на друго. Истражете ги можностите преку интернационални студентски организации.

5. Работа за време на студиите:
работа со пола работно време за време на студиите е одлично искуство што ќе ви помогне и по завршување на факултетот. AcademicWork е сервис што нуди услуги на студенти што бараат ваква работа.

6. Вклучете се во студентскиот сојуз:
ваквиот ангажман е значаен за формирање на личната мрежа и може да Ве доведе до многу работни можности со активностите што се организираат од сојузот. Освен тоа, ова ви оди Во прилог на конкурентноста на CV-то.

7. Пишувајте го завршниот труд во шведска компанија: ова може да биде совршено решение за влез на шведскиот пазар на трудот. Ќе имате одредено искуство, увид во работата и контакти што може да Ви донесат вработување. Многу универзитети се поврзани со компаниите. Истражете ги можностите.

8. Приклучете се во сојуз: овие здруженија нудат насочување во кариера, совети за преговарање за плата или друга поддршка. Трите главни синдикални конфедерациии се SACO, TCO и The Swedish Trade Union Confederation . Истражете за нив и најдете ја соодветната за Вашата област.

9. Контактирајте ги работодавците:
во огласите за работа во Шведска има информации за контакт на вработен за дополнителни прашања.  Искористете го ова за да дознаете повеќе за позицијата и да оставете впечаток како заинтересиран кандидат за вработување.

10. Започнете рано:
Вашите колеги од факултет исто така се жедни да почнат со работа по студиите. Бидете во предност и почнете да работите на ова порано и секако, аплицирајте за работна дозвола на време.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование