Израелски научници имаат невообичаена идеја како да го запрат ширењето на коронавирусот - 4 дена работа и потоа седење дома 10 дена.
- Идејата е луѓето да работат во двонеделни циклуси - истакнува Рон Мило, професор на Научниот институт „Вајцман“ во Израел.
Концептот ја користи биологијата на вирусот. Ако работниците се разболат во текот на тие четири дена, симптомите би почнале да се покажуваат во следните десет дена додека се дома, што ќе им се овозможи тие да не одат на работа и да избегнат заразување на други луѓе.
- Можеме да најдеме излез од оваа дилема преку искористување на клучна карактеристика на вирусот - неговиот период на инкубација - просечното тридневно одложување меѓу времето кога лицето е заразено и времето кога може да зарази друг - истакнаа Мило и неговите колеги.
Во практика идејата би била работење во наизменични смени.
- Бизнисите би работеле речиси постојано, менувајќи две групи на работници, за редовно и предвидливо производство. Тоа би ја зголемило довербата на консументот, истовремено поддржувајќи ги набавката и побарувачката - истакнаа научниците.
Всушност, учениците во Австрија веќе одат на училиште во две групи и се менуваат. Идејата е да се намали бројот на ученици во едно место, осигурувајќи се дека тие можат да одржуваат социјална дистанца.
Преку компјутерски модели Мило и неговите колеги утврдиле дека Р вредноста - односно вредноста на репродукцискиот број, кој се однесува на бројот на луѓе што ќе бидат заразени од едно заразено лице - би се намалила под 1 ако сите го следат овој невообичаен двонеделен циклус. Четирите дена се само предложена појдовна точка.
- Ако степенот на инфекции се зголеми, може да се приспособи на помалку работни денови. И обратно, ако нештата одат во добра насока, може да се додадат работни денови. Во некои сценарија само 4 или 5 дена во изолација на секој двонеделен циклус сѐ уште би спречиле ново појавување - наведуваат научниците.
Оние што можат да работат од далечина треба да продолжат да го прават тоа, смета Мило.
- На некој начин, тие им помагаат на оние што ја немаат таа слобода и мора да одат на работа надвор од домот - вели тој.
Насловна фотографија: Pixabay