X
 01.11.2016

Како станав директор во Google во Чиле

Александар Чигловски е еден од Балканците на кои родната земја не им овозможила да најдат нормална работа. Затоа, пред 12 години се решил да оди на другиот крај на светот – од Србија во Чиле. Денес е директор во Google за Јужна Америка и иако родната Србија сé уште му недостига, вели дека нема да се врати назад.

александар чигловски

„Кога завршив факултет се надевав дека ќе најдам работа и дека ќе почнам нова етапа во животот. Меѓутоа, после неколку години потрага сфатив дека губам време. Фирмите се затвораа, немаше интересни проекти и понуди за работа, платите беа ниски, побарувачката за работни места беше преголема.Не беше потребно да бидеш гениј да сфатиш дека може да се разбудиш за неколку години и да немаш ништо од животот“, се сеќава Александар, кој е дипломиран машински инженер.

По неколку години обиди и волонтерска или ниско платена работа, откако сфатил дека ќе заработи за живот само ако замине од земјата, повторно се соочил со проблем. За да замине во Австралија како и многу други Срби, потребни му биле 15-20 илјади евра за целиот визен процес. Тогаш преку пријател му се укажала можност да оди во Чиле.

Почетокот таму воопшто не му бил лесен и иако учел шпански јазик сфатил дека за да се разбере со Чилеанците ќе му биде потребно многу време.

„На почетокот тој ветер на промени е силен, особено кога постои надеж дека нешто поинакво може да ти се случи во животот, но постои и страв – што ако не успеам. Едноставно, неуспехот не беше опција“, вели тој.

Иако бил прифатен од Чилеанците многу добро, тој вели дека и после долго време си странец во туѓа земја, а чувството дека нешто ти недостига станува сѐ поприсутно.

Најмногу помош добил од Хрватот што го запознал таму, Давор Рафаелиј, со кој и работел 8 години, а денес е директор за операција на податоци во Google за Јужна Америка. Во меѓувреме се оженил со Чилеанка и има две ќерки кои носат српски имиња. Со старите пријатели вели дека комуницира преку интернет, но дека му недостигаат вистинските дружби на слави, свадби, родендени, крштевки...

„Едноставно, секоја година стануваш сé побледа сенка на нешто што би можело да изгледа поинаку, само да си роден во друго време и во друго друштво. Ми недостига Србија, но не можам да се вратам. Пријателите велат дека состојбата не е подобрена, а јас имам семејство за кое мора да размислувам“, вели тој.

Но, и може да го врати времето, Александар повторно би го сторил итото:

„Повторно би го направил истото од пред 12 години, но не можам да дадам генерален совет за сите млади луѓе што размислуваат за тоа денес. Тоа е тешка одлука. Разумно е дека лесно може да се донесе таква одлука, ако ја погледнете состојбата во регионот, но, емотивно е тешко. Сепак, секој треба да проба“, советува тој.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk