X
 09.11.2017 Култура

Најдобриот филм на Кан, „Квадратот“, вечерва го отвора „Синедејс“

Шведскиот филм „Квадратот“ на режисерот Рубен Остлунд, вечерва во 20 часот, во киното „Милениум“ ќе го отвори Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Урнебесната комедија ќе биде само почеток на европската „вожња“, како што е мотото на 16. „Скопска линија, европска вожња“. Веднаш по „Квадратот“ ќе следува последниот филм на Дарен Аронофски - „Мајки!“, во кој играат славните Џенифер Лоренс, Хавиер Бардем, Ед Харис и Мишел Фајфер.

Сцена од канскиот победник „Квадратот“, кој ќе биде прикажан вечерва

Повеќе од 130 филма во повеќе категории, 20 наслови на гала-програмата со звучни режисерски имиња и остварувања, наградени на престижни фестивали, 14 филма во две натпреварувачки програми - официјална и „Синебалкан“, музички документарци, шведски филмови, кратки и студентски трудови, концерти и работилници.

Речиси од сите натпреварувачки филмови ќе има гости од екипите кои по проекциите ќе разговараат со публиката. Има и награден фонд, по 300 илјади денари за најдобриот филм во официјалната селекција и во „Синебалкан“, а ќе се доделат награди и за најдобра филмска критика.

Претседател на жирито на официјалната селекција ќе биде турскиот режисер Семих Капланоглу, кој во 2010 година доби „Златна мечка“ за „Мед“, а за време на фестивалот, во гала-програмата, ќе игра и неговиот последен филм „Пченица“.

Земја на фокус годинава ќе биде Шведска. Во придружната програма се најавени седум документарци и четири работилници.

„Фадо“ истовремено ќе се прикажува и на „Синедејс“ и на Филмскиот фестивал во Тирана

Во соработка со дистрибутерската куќа „Катавеј“ ќе бидат прикажани и два филма – „Фадо“ и детскиот „Рафи“, истовремено на „Синедејс“, Филмскиот фестивал во Тирана и онлајн-платформата Cinesquare.net, со што, велат организаторите, се промовираат нови начини за дистрибуција на европски филмови во Македонија.
Фестивалот ќе заврши на 19 ноември со премиерата на играниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, во продукција на „Фрагмент филм“ од Скопје и копродукција на „Грал С.А.“ од Грција.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура