X
 11.11.2016 Уметност

Фото-сторија за легендарниот Леонард Коен

Леонард Коен, поетот на љубовта и смртта, ненадминат писател и композитор, длабоко понирајќи во сопствената осама стана возвишен, духовен глас на својата генерација.

Фотографија од Леонард Коен

Коен почина вчера, во својата 82-годишна возраст. Беше еден од највлијателните музичари на своето доба. Неговите песни „Suzanne“ и „Hallelujah“ се неспорни ремек-дела. Познат по својот длабок глас и црн шешир, со трајна меланхолична аура околу себе, Коен беше еден од најголемите кантавтори на сите времиња.

Роден е во семејство на еврејски доселеници во Монтреал.





Откако ја објави својата прва книга во 1957 година, му почна и музичката кариера со аматерска фолк група.
Срамежливиот и меланхоличен поет од Монтреал, подоцна ќе доживее светска слава со легендарните  албуми  „Songs of Leonard Cohen“(1967),  „Songs of Love and Hate“(1971) и „Death of a Ladies` Man“(1977).

Песните за љубовта, смртта, религијата, сексот, омразата, потрагата по духовното и смислата на животот  како „Suzanne“, „So long, Marianne“, именувани по двете жени што му беа музи,  „Tower of Songs“,  „Bird on the Wire“,  „First We Take Manhattan (Than we take Berlin)“, „Hallelujah“ - станаа класика.



Коен  често патуваше, и физички и духовно. Во Њујорк се дружеше со авангардните уметници како Енди Ворхол и фронтменот на Велвет Андерграунд, Лу Рид, кој во 2008 година, воведувајќи го во Рок енд Рол куќата на славните, изјави дека „среќа е да се живее во времето на Леонард Коен“.
Своите формирачки години ги помина на грчкиот остров Хидра, каде ја запозна својата голема љубов, Мариан Илен Џенсен, која почина пред два месеци. Коен се прости од неа со емотивно писмо во кое порача „дека многу брзо ќе ѝ се придружи“.

Коен ја обожувал својата мајка, а од таткото, кој починал кога Лео имал девет години, го наследил беспрекорниот вкус за облека. Неговиот ритуал кој го практикувал пред секој концерт, бил полирањето на своите чевли.

Никогаш не бил музички виртуоз, а основата за гитара ја научил од еден фламенко танчер од Монтреал.
Поетски идол му беше Федерико Гарсија Лорка. Беше силно инспириран од него, дури и својата ќерка ја нарече според неговото име.

Напишал 13 книги и ја добил наградата на Принцот од Астурија, „шпанскиот Нобел“.

Многупати во животот се борел со депресијата, а во 90-тите години се повлече од јавниот живот и стана будистички монах. „Мојот живот беше во голем неред и хаос. Таму ја вратив дисциплината“, изјавил Коен.






Успеа да ги победи своите демони и да се врати во 1999 година, а оттогаш неколкупати беше на турнеи, затоа што поранешната менаџерка му проневерила милиони долари.

Својот последен албум, „You Want It Darker“, го објави во октомври годинава. Исто како и Дејвид Боуви, на почетокот од 2016 година, со плоча објавена кратко време пред смртта, се прости од својата публика.
Неговата родна Канада се одлучи да ги спушти знамињата на половина копје. „Никој не звучел и не чувствувал како Леонард Коен“, рече канадскиот премиер Трудо.



Фотографија од Леонард Коен

Илјадници негови почитувачи спонтано се собираат пред куќата на Коен во Монтреал, палат свеќи, оставаат цвеќе, црни шешири... Млади и стари, ги пуштаат неговите песни на своите смартфони. Некој на влезната врата оставил напис „Hallelujah“.

Леонард Коен со шеширот во рака
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност