- Никогаш нема да ги заборавам лицата на децата чии тела се претвораа во кругови од чад под тивкото сино небо - Ели Визел, писател, професор, политички активист и нобеловец кој го преживеал холокаустот.
Креативниот уметник Том Маршал колоризирал фотографии направени во текот на првите неколку месеци од 1945 година.
- Ова беше најгрозоморниот проект на кој некогаш сум работел. Обично уживам во колоризирањето на фотографиите бидејќи процесот постепено ги оживува предметите, што е задоволувачко искуство. Сепак, овој проект ми беше вознемирувачки бидејќи фотографиите се шокантни - наведува Том.
Тој додава дека морал да си дава време за да прави нешто друго и да се обиде да се исклучи додека работел на овие фотографии затоа што го разбеснувале. Но, чувствувал дека е важно да се направат за да се потсетат луѓето, а особено помладите генерации, дека ова се случило и дека не е толку далечна историја.
- Процесот на колоризирање, исто така, беше различен бидејќи овие луѓе биле поблиску до смртта додека дошло времето за нивното ослободување, па сликањето на тонови на кожа беше многу поразлично. Во боја, можете да ги видите коските и бледата кожа без крв и дури и младите мажи изгледаат постаро со седа коса и темни кругови околу очите - вели британскиот колоризирач на фотографии.
Деца во Аушвиц, јануари 1945 година
Прегладнети мажи во Ебензе
На оваа фотографија се прикажани прегладнети затвореници, речиси мртви од глад, како позираат во концентрационен логор во Ебензе, Австрија. Логорот наводно бил користен за „научни“ експерименти.
Иштван Рајнер
Рајнер (4) се смее за портрет кратко пред да биде убиен во Аушвиц.
Мажи во логорот во Нордхаузен
Двајца слаби мажи, ослободени затвореници од концентрациониот логор во Нордхаузен. Во логорот имало 3-4.000 затвореници. Сите биле малтретирани, тепани и прегладнувани.
18-годишна девојка
18-годишна Русинка фотографирана за време на ослободувањето на концентрациониот логор Дахау во 1945 година. Дахау бил првиот концентрационен логор, отворен во 1933 година.
Повеќе од 200.000 лица биле притворени во периодот меѓу 1933 и 1945 година. Во логорот и придружните логори се верува дека умреле повеќе од 35.000 лица, и тоа најголемиот дел од болести, глад и самоубиства. За разлика од Аушвиц, Дахау не бил експлицитно логор за истребување, но условите биле толку ужасни што стотици умирале секоја недела.
Жив скелет
Овој човек изгледа како жив скелет и е еден од многуте затвореници во концентрациониот логор Ебензе во Австрија.
Жена во Берген-Белзен
Една од жртвите во Берген-Белзен била и оваа млада жена, која е фотографирана со лузните од тепање од страна на стражари, припадници на СС.
Преживеан од холокаустот
Тешко е да се најде некаква надеж кога се гледаат хорорите на овие фотографии, но уметникот сакал да ја вклучи и оваа бидејќи имало и преживеани од холокаустот и многу од нив се живи и денес.
На оваа фотографија може да се види мал еврејски бегалец, спасен од концентрационен логор, како се одмора во болница во Малме, Шведска, во 1945 година.