Уметноста ја поттикнува имагинацијата, создава флуид со реципиентот
Од денес па во следните 10 дена во Кавадарци во Музеј галерија ќе биде отворена самостојна изложба на реномираниот македонски ликовен уметник, Горан Боев. Станува збор за еден од најталентираните и најплодни македонски автори последнава декада, со специфичен уметнички израз кој се надградува и менува со текот на неговото уметничко созревање.
Ќе бидат изложени делата создадени последниве години, работени во комбинирана техника, акрилик и масло на платно, во кои Боев ја надоградува својата сликарска интуиција во доменот на апстрактниот експресионизам.
Боев, во своите дела ги користи мистичноста, колоритот и апстрактното како начин за изразување, остававајќи простор рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, да ја поттикне неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, создавајќи голема привлечност и заемен флуид.
Горан Боев последниве години како зограф работеше на фрескоживописот во новиот параклис во манастирот Свети Јован Крстител (Бигорски манастир). Дипломец е на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во 2005 година, кога ја добива и наградата "26 јули - Франк Манинг" за најдобар студент на ФЛУ. Магистрирал 2009 година на истиот факултет под менторство на проф. Симон Шемов.