Атентатот на Џон Кенеди, 35. претседател на САД, се случил во петок на 22 ноември 1963 година, во 12.30 часот во Далас. Иако станува збор за еден од најконтроверзните настани во историјата и омилена тема за расправа меѓу теоретичарите на заговори, мал број луѓе знаат зошто Кенеди бил во Далас на кобниот ден.
Пред 53 години во Далас, додека се возеше во претседателската лимузина низ улицата на брестовите, беше убиен американскиот претседател Џон Кенеди.
Атентатот го изврши Ли Харви Освалд. Според наводите на официјалната истрага, тој истрелал три куршуми, од кои два завршиле во телото на Кенеди, и тоа во вратот и во главата. Официјално, Кенеди починал на самото место, односно пред да биде пренесен во болница. Два дена подоцна, во полициска станица бил убиен и атентаторот од страна на Џек Руби, сопственик на ноќен клуб, поврзан со организиран криминал.
Покрај тоа што неколку службени комисии што се занимавале со случувањата, непосредно после атентатот, потврдиле дека Освалд дејствувал сам, сепак убиството на Кенеди и понатаму е една од најраспространетите теории на заговор во светот.
Сепак, ретко се споменува еден податок – што правел Кенеди во Далас на денот на својата погибија?
Крвав ноември
За посетата на Далас, Кенеди се одлучил заради внатрешнополитички причини. Се ближеле претседателските избори во 1964 година и целта му била собирање финансиски средства за кампањата од локалните поддржувачи и спонзори на Демократската партија.
Друга причина за посетата бил обидот за смирување на раскараните фракции во рамки на партијата – либералите Ралф Јарбург и Дона Јарбург (кои не биле во роднински врски) и конзервативецот Џон Конели.
Згора на тоа, на изборите во 1960 година Кенеди одвај победил во Тексас, а во Далас претрпел пораз. Потребно било да се подобрат изборните изгледи на демократите во оваа сојузна држава и тоа била причината поради која Кенеди се нашол во улицата на брестовите на неговиот последен ноемвриски ден.
Останатото е историја...