X
 26.11.2016 Живот

Тони Блер: Брегзит сѐ уште може да се спречи

Поранешниот британски премиер, Тони Блер, изрази убедување дека сè уште може да се спречи излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Тони Блер

Во интервју за списанието New Statesman, Блер истакна дека Британците би можеле да го променат мислењето кога ќе видат колкави се трошоците за Брегзитот.

„Mоже да се спречи, ако британскиот народ сфати што значи тоа“, рече Блер.

Тој истакна дека клучно прашање околу Брегзитот ќе бидат преговорите со ЕУ за пристап до Единствениот  пазар.

„Можете да добиете максимален пристап до Единствениот пазар, но во тој случај мора да се согласите  со прифаќање на значаен број  правила: за емиграцијата, исплатите во буџетот, јурисдикција на Европскиот суд.  Во спротивно, ќе бидете надвор од заедничкиот пазар и тоа ќе предизвика големи економски проблеми, затоа што ќе мора со години, дури и децении, да се спроведува комплетна  економска реконструкција“, истакна Блер.

Иако негативните предвидувања за Брегзиот досега не се остварија, Блер сугерира дека сè уште не се познати сите трошоци за излез од ЕУ.

„Тоа е како да прифатите размена на куќи, а не сте ја виделе другата куќа“, вели тој.

Блер вели дека Трамп победил на американските претседателски избори затоа што луѓето барале промени, но и затоа што во однос на различните прашања, платформата на Републиканската партија била поубедлива од онаа на демократите.

„И тоа е главно општ глобален тренд, што во еден дел претставува реакција на глобализацијата, а во другиот дел има економски причини. Но, исто така, има врска и со културата и идентитетот и чувството кај луѓето дека светот околу нив забрзано се менува, а левицата тоа не го сфатила“, истакна поранешниот премиер.

Блер, кој најави некој облик на враќање во политиката, истакна дека на негативните реакции на глобализацијата не треба да се одговори со нејзино отфрлување, туку со залагање за слободна пазарна економија и отворено општество.

Поранешниот британски премиер најави дека се враќа во јавниот живот и во политиката, иако не во првите редови на Лабуристичката партија.Тој кажа дека мора да се сфати кои делови од либералната програма пропаднаа, а кои опстанаа.

И морате да ја научите вистинската лекција од Брегзитот, Трамп и сите популистички движења ширум западниот свет. Во спротивно, ќе завршите во ситуација во која најсериозно ќе верувате дека е можно популизмот на левицата да го порази популизмот на десницата. Апсолутно нема да се случи тоа“, рече Блер.

Тој негираше дека сегашниот лидер на лабуристите го нарекол „лудак“, но истакна дека лидерството во Лабуристичката партија за првпат во историјата го презедоа екстремните левичари, а тој изрази сомнеж дека со тоа може да се победи на избори.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот