26.02.2019
Живот
Антиваксерското движење и популизмот се поврзани
Последната студија објавена во Европскиот весник за јавно здравство
открива поврзаност помеѓу поддршката на популистички политички партии и
отпорот кон вакцинирањето.
Додека сѐ повеќе земји во Европа се соочуваат со зголемена стапка на епидемија на морбили и пад на бројот на родители што ги вакцинираат своите деца, студијата покажува дека има голема поврзаност помеѓу лицата што гласаат за популистички партии и верувањето дека вакцините се неважни.
- Колебливоста кон вакцините и политичкиот популизам се водени од слични динамики: длабока недоверба во елитите и експертите - пишуваат авторите на студијата.
Тие истакнуваат дека е важно за сите релевантни актери во јавното здравство да работат на враќање на довербата на родителите кои се против вакцините, но дека стратегијата има ограничувања.
- Општата недоверба кон елитите и експертите што стои зад колебливоста за вакцините ќе биде тешко решлива ако не се решат и причините што стојат зад неа – политичката обесправеност и економската маргинализација на големи делови на населението во Западна Европа - предупредуваат авторите.
Според Светската здравствена организација, антиваксерството е една од најголемите безбедносни закани во 2019 година.
Во Франција, 20 отсто од населението нема доверба во вакцините, а шефицата на екстремната десница, Марин Ле Пен, отворено се спротивстави на задолжителното вакцинирање. Слично и во Италија, владејачката партија Пет ѕвезди со години води антиваксерски кампањи. И двете земји се соочуваат со загрижувачки стапки на епидемија на морбили.
Извор: МИА