Катастрофалното цунами во петокот на островот Сулавеси е загатка за научниците.
Како што реагирале службите за итни реакции, научниците останале зачудени и не можеле да сфатат зошто цунамито создало толку големи бранови.
Земјотресот со јачина од 7,5 степени беше силен, нема сомнение во тоа - еден од најсилните забележани оваа година. Но, тоа беше нешто што геофизичарите го нарекуваат расед, каде што земјата се одделува хоризонтално. Ваквите земјотреси може да предизвикаат цунами, но брановите високи 6 метри што го погодија брегот на Палу ги изненадија сите.
За да се создаде серија на бранови, потребно е големо поместување на подот на морето - вертикално движење што ја нарушува целата колона, што потоа се движи во сите правци.
Некои рани пресметки укажуваат на поместување на подот од можеби половина метар. Значајно, но генерално недоволно за да ги произведе брановите со кои се соочи Индонезија во петокот.
Тогаш, што се случило?
Фото: BBC
Два фактора се појавуваат како можни виновници - првиот е сомневањето дека земјотресот предизвикал некаков вид подводно лизгање на земјиштето. Ова е постојана опасност. Земјотресот може да го дестабилизира седиментот и да предизвика да се ослободи од неговата подлога и да се сруши.
Во планински подрачја на копно, карпите и седиментните лавини се главните опасности од земјотрес. Но, под вода, овие движења на седиментот имаат потенцијал да генерираат и цунами. Кога ќе се случи ова, брановите што ги погодуваат крајбрежјата можат да бидат големи, дури и ако ефектите се локализирани.
Се претпоставува дека ова се случило во петокот - можеби брановите се зголемија и поради формата на самиот залив на Палу. Палу има издолжена геометрија, што би можело да го фокусира и засили цунамито додека се приближувало до плажата.
Ова, секако, е претпоставка. Научната заедница ќе ги моделира настаните од петокот за да се обиде да ги поврзе деталите.
- Моите први пресметки за деформацијата на морското дно во земјотресот се 49 сантиметри - вели д-р Мохамад Хајдаразаде, доцент по градежништво од областа на крајбрежниот инженеринг на Универзитетот „Брунел“ во Велика Британија.
- Она што се очекува од цунамито е помалку од еден метар, а не шест метри, така што се случило нешто друго. Значи, двете шпекулации се легитимни - лизгањето под вода и предизвикувањето од заливот - додава тој.
Директен начин за процена на какви било промени на морското дно е да се спроведе батиметриски преглед. Ова брзо ќе утврди дали има значителни движења на седиментот.
Сателитските снимки можат да кажат повеќе
Фото: Planet
- Ако погледнете на сателитските снимки, може да се види дека голема маса од куќите се компресирани во мала зона, оставајќи зад себе една гола површина каде што некогаш биле куќите - објаснува професорот Дејв Петли, експерт за свлечишта на Универзитетот „Шефилд“.
Работите треба да станат појасни во наредните денови и недели кога истражувачите ќе влезат во регионот за да ги проценат влијанијата на земјотресот и
цунамито.