X
 01.12.2016 Уметност

Стенли Кјубрик за вредноста на животот


Бесмисленоста на животот го тера човекот да создаде сопствена смисла.
Стенли Кјубрик

Стенли Кјубрик

Во 1968 година, популарниот магазин Плејбој направил интервју со Стенли Кјубрик.

Не можеме да претпоставиме што очекувале Плејбој од интервјуто, но се сомневаме дека биле подготвени да чујат една исцрпна егзистенцијална медитација за (без) смислата на човековото постоење.

Во еден момент од разговорот, Плејбој го прашале Кјубрик дали смета дека животот е вреден за живеење. Тоа што следувало останува запаметено како еден од најнезаборавните одговори во историјата на интервјуата. 

***

Плејбој: Ако животот е толку бесмислен, вреди ли воопшто да се живее?

Кјубрик: Да, за тие што некако успеваат да се „носат“ со сопствената смртност. Бесмисленоста на животот го тера човекот да создаде сопствена смисла. Децата, се разбира, го почнуваат животот со неизвалкано чувство на зачуденост, со способност да ја доживеат вкупната радост на нешто толку обично како што е раззеленетиот лист; но, како што стареат, сознанието за смртта и исчезнувањето почнува да влијае врз нивната свест и суптилно да ја еродира нивната joie de vivre (голема радост за животот), нивниот идеализам и нивната замисла за бесмртноста.  

Кога детето ќе созрее, насекаде околу себе ги забележува смртта и болката и почнува да ја губи вербата во првобитната „божественост“ на човекот. Но, ако е разумно силен и среќен човек, ќе успее да се извлечи од самракот на душата и да се прероди од животниот èlan (полет и занес за живот).

И покрај неговата свест за бесцелноста на животот, тој може да изнедри ново чувство на корисност и самопотврда. Можеби нема да го поврати најчистиот усет на зачуденост со кој се родил, но може да обликува нешто потрајно и поодржливо.

Најужасниот факт за универзумот не е дека е непријателски, туку дека е рамнодушен; но, ако се помириме со неговиот карактер и ако ги прифатиме предизвиците што ги носи животот определен од смртта – земајќи ја предвид променливоста на човековиот род – нашето суштествување би можело да има вистинска смисла и исполнетост. Независно колку сме обземени од темнината, ние мораме да генерираме светлина.         
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност