X
 14.01.2023 Живот

Нацистичкиот „Титаник“ - приказна за пропаганда, екстраваганција и трагедија

Потонувањето на „Титаник“ е популарна филмска тема. Кој може да ја заборави оскаровската верзија од 1997 година со Леонардо ди Каприо и Кејт Винслет во главните улоги?

Но, пред 80 години една позната трагедија на море бил инспирација за скап нацистички пропаганден филм кој го виделе релативно мал број луѓе, а во кој се појавува брод чија судбина е несреќна како и на „Титаник“.

На почетокот од 1942 година бродот „Кап Арикона“ видел и подобри денови.

Наречен „Кралица на Јужниот Атлантик“, некогашниот прекрасен и луксузен океански брод 'рѓосувал во германската поморска база на Балтикот.

Две години претходно бродот бил запленет од морнарицата на Адолф Хитлер и бил претворен во касарна за морнари откако биле одземени луксузните украси.

Но, истата година „Кап Арикона“ ќе биде извлечен од заборавот и буквално ќе биде ставен во центарот на вниманието: благодарение на неговата дизајнерска сличност со „Титаник“, бродот ја добил главната улога во нацистичкиот филм за познатата трагедија на море.

Не се штедело за поправка


Потонувањето на „Титаник“ не било нова тема ниту во тоа време.

Првите филмови за трагедијата се појавиле на големите екрани уште во 1912 година, истата година кога бродот потонал во ледените води на Северен Атлантик на своето прво патување. Но, Џозеф Гебелс, озлогласениот министер за пропаганда на Хитлер, наишол на сценарио со многу поинаков поглед на настаните: имено, тој ја опишал несреќата како резултат на британско-американската алчност.

- Гебелс и нацистичката пропаганда дотогаш продуцирале стотици филмови, но овој пат сакале нешто различно. Во 1942 година Германија морала да се справи со големите порази во војната и Гебелс сметал дека е важно да се постигне голема победа на пропагандниот фронт - раскажува професор Роберт Вотсон, американски историчар и автор на книгата за „Кап Аркона“ наречена „Нацистичкиот Титаник“.

Со нацистичката верзија на трагедијата на „Титаник“, Гебелс сонувал да им се одмазди на сојузниците.

брод
Фото: Wikipedia

- Бродовите биле практично исти, освен тоа што „Кап Аркона“ имал три оџаци, еден помалку од „Титаник“. Но, за потребите на снимањето добил лажен оџак - додава професорот Вотсон.

Во средината на војната Гебелс издвоил огромни средства за снимањето на филмот.

Во неговата книга, професорот Вотсон тврди дека за филмот имало буџет од 4 милиони рајхсмарки, што е еквивалент на приближно 180 милиони долари, што го прави еден од најскапите филмови во историјата.

Стотици војници биле извлечени од фронтовите за да глумат како статисти, а во филмот се појавуваат некои од најпознатите германски филмски ѕвезди, како Сибил Шмит.

Сепак, снимањето било хаотично.

Војниците ги малтретирале актерките и владеела општа паника дека филмските сетови би можеле да послужат како цели за бомбардирање на сојузниците. Имало и посериозни проблеми: Херберт Селпин, директорот назначен за проектот, паднал во немилост кај нацистичките службеници. Откако го критикувал нивното мешање во распоредот на снимањето, Селпин бил уапсен и испрашуван од Гебелс. Подоцна бил пронајден обесен во сопствената затворска ќелија.

Уметничка слобода со заплет


Но, филмот некако завршил, со навредлива пропаганда централна за заплетот: катастрофата била претставена како приказна за корпоративна алчност од страна на британските сопственици на „Титаник“, и покрај напорите на единствениот германски член на екипажот да го забави бродот додека ги преминувал замрзнатите води на Северниот Атлантик.

Конечно, во пораката од епилогот на германски се наведува дека смртта на повеќе од 1.500 патници е „вечна осуда на бескрајната британска трка за профит“.

- Овој филм за „Титаник“ ја демонстрира заблудата на некои нацисти за тоа што може да постигне пропагандата. Тие навистина верувале дека можат да ја добијат војната ако ги мотивираат луѓето. А она што подоцна се случило со филмот ја прави оваа приказна уште поинтересна - вели професорот.

Фон Лунен мисли на тоа како Гебелс, кој го одобрил снимањето, на крајот забранил да се прикажува во германските кина кога го видел готовиот производ. Нацистичкиот функционер верувал дека самите сцени од трагедијата биле толку реални што би предизвикале паника во време кога германските цивили живееле во страв од воздушни напади.

- Друг проблем бил тоа што фиктивниот германски офицер на „Титаник“ во филмот не ги почитувал наредбите на своите претпоставени затоа што верувал дека тие се морално погрешни. Тоа не била пораката што нацистите сакале да ја испратат до вистинските германски офицери - вели Фон Лунен.

Професорот Вотсон во својата книга наведува дека филмот првично бил прикажан само на окупираните германски територии, а во Германија бил прикажан дури во 1949 година, кога повторно бил откриен во нацистичките архиви.

- Но, и покрај неговата политичка порака, филмот е импресивен од техничка гледна точка - вели тој.

Вистинска животна трагедија


Фактот дека нацистичкиот филм пропаднал требало да значи дека бродот „Кап Аркона“ ќе биде заборавен. Но, бродот на крајот ќе заземе уште поозлогласено место во историјата.

Откако бил искористен за евакуација на повеќе од 25.000 германски војници и цивили, во 1945 година станал затворски брод закотвен на Балтикот за затвореници префрлени од неколку концентрациони логори, во обид да се скријат доказите за нацистичките злосторства.
Авионите на Сојузниците по грешка го нападнале „Кап Аркона“, а и други бродови на 3 мај 1945 година, при што загинале околу 7.000 луѓе.

Професорот Вотсон вели дека документите од двете страни на конфликтот проценуваат дека најмалку 5.000 луѓе биле на „Кап Аркона“ на 3 мај, кога бродот бил погоден од серија напади од бомбардери на британските кралски воздухопловни сили, кои дејствувале врз основа на разузнавачки информации дека тој и други бродовите во областа би можеле да носат СС офицери кои се обидувале да избегнат апсење.

- Можеби помалку од 300 преживеале - вели професорот.

Биле погодени и два други брода кои служеле за истата цел, со што се проценува дека вкупниот број на жртви достигнал 7.000.

Уште потрагично е што „Кап Аркона“ и другите бродови биле нападнати само четири дена пред безусловното предавање на Германија. На крајот, вкупниот број на жртви во потонувањето на нацистичкиот „Титаник“ бил двојно поголем отколку при потонувањето на неговиот „сестрински“ брод.

Извор BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот