X
 15.12.2016 Образование

Како Естонија се најде на третото место на ПИСА тестовите?

pisa

 

Дека сеопфатните реформи во образованието може да дадат одлични резултати, најдобро покажа Естонија, која на ПИСА тестовите се најде на третото место во конкуренција од 73 држави.


Во нашата земја за вакви реформи и понатаму се зборува, а години наназад на ваквите тестирања нашата земја бележи доста лоши резултати, а во најновото тестирање се најдовме на дното на листата.

Како Естонија успеала да се најде толку високо на листата?

Пронашла и применила добар начин да ги образува децата и младите

Естонија стана фокус на интерес на експертите по образовни науки уште од објавувањето на резултатите од ПИСА тестирањето во 2012 година. Тогаш, резултатите покажаа дека студентите од Естонија постигнале многу високи оценки во сите три предмети (математика, наука и читање), а мал број на ученици спаѓа во групата на функционално неписмени.

Резултатите покажаа и дека образованието во Естонија е доста праведно бидејќи се исти шансите за учениците кои доаѓаат од различни социоекономски статуси. Сите овие резултати се потврдени и подобрени во ПИСА тестирањето од 2015 година.

На тој начин, Естонија стана новата Финска, која во претходниот период беше издвоена како европска земја која пронајде добар начин да ги образува младите луѓе.

Што можеме да научиме од Естонија?

Искуството на Естонија може да биде важно за нашето лутање во напорите да го подобриме образованието. Станува збор за мала земја (нешто повеќе од милион жители) која не располага со природни богатства поради што луѓето им се најголемиот ресурс, а која имала бурна историја во односите со големите земји.

Слична појдовна точка


Покрај тоа, пред 25 години образованието било типично социјалистичко и традиционално можеби во поголема мера отколку кај нас.

Платите и социјалниот статус на наставниците се релативно на ниско ниво во однос на другите земји. Но, иако искуството од Естонија може да биде важно за нас, не можеме само да копираме. Нејзиното искуство треба да го поттикне критичкото размислување и набљудување кај нас, за пронаоѓање на можни решенија кои би можеле да се применат во наши услови и да ни помогнат да пронајдеме излез од кругот на недоволно успешни реформи во образованието.

Се инвестира во научните истражувања и иновации


Естонија вложува значителен дел од средствата во научни истражувања и иновативни проекти во областа на образованието и резултатите од овие истражувања во голема мера се користат за подобрување на образованието. Исто така, треба да се укаже и на тоа дека наставниците во Естонија работат со помали групи на ученици (во просек 12 ученици во одделение) што им овозможува да бидат подобри во својата работа и да ги применуваат современите методи на настава.

Пет клучни точки

Ова се неколку силни страни на образованието во Естонија кое би можело да биде потенцијалното објаснување за добрите резултати.

I - Избегнато е предвремено насочување на децата

Прво, задржан е методот дека задолжителното образование трае релативно долго (девет одделенија или од 7 до 15-16 години) со што се избегнуваат проблемите со предвремено насочување на децата.

II - Наставниците постојано се надградуваат

Второ, наставниците се доста искусни (во просек имаат 52 години) и компетентни. Нивната компетентност е резултат на промена во начинот на кој наставниците се образуваат и усовршуваат при што се става акцент на нивните педагошки и психолошки компетенции.

III - Истражувачко учење

Трето, наставните планови се изменети така што се детални, а програмите од социјализмот се сменети во рамките на националната програма на која се става акцент на современите форми на настава и учење како што се проектното и истражувачкото учење.

IV - Децентрализација

Образованието е децентрализирано во одредена мера, а училиштата и наставниците имаат релативно висок степен на автономија, како во областа на наставата, така и во располагањето со ресурсите.

V - Учениците и самите сакаат да бидат успешни на тестовите


Постои систем на постојано следење на постигнувањата на учениците, а учениците се доста мотивирани да бидат успешни во тестовите, а тоа во некоја мера придонело за нивниот успех на ПИСА тестирањето.

Идеална комбинација - нешто свое, нешто туѓо, нешто ново


Од сето ова што е наведено, ништо не е специфично за Естонија. Ова се решенија кои се применети и во други земји и денес се сметаат за решенија кои се карактеристични за успешните образовни системи.

Овие решенија секако би можеле да се добар водич за нас, меѓутоа не би донеле подобрувања се' додека прашањето за квалитетот и праведноста на образованието не стане приоритетна тема и за нас, и за политичарите. Додека образованието е тема за која ќе мислиме утре, тешко дека ќе пронајдеме добри решенија кои ќе дадат одлични резултати кај нас.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование