X
 23.12.2016 Култура

Падот на републиката


Графит со Статуата на Слободата

Колумна на Пол Кругман во Њујорк Тајмс.

„За подемот на Трамп и етно-нативистичките движења во Европа, многумина објаснувањето го бараат во историјата, особено во триесеттите години на минатиот век. Навистина постојат сличности помеѓу развојот на фашизмот и нашите кошмари. Но, има многу такви споредби. Во последно време, за забава и бегство од реалноста, читам антички автори, па забележав сличности меѓу историјата на Стариот Рим и сите лоши вести од мојот свет. Пред сè, мислам на падот на римската република.

На тој начин осознав дека институциите на републиката не се заштита од тиранијата, ако политичките моќници не ги почитуваат договорените политички норми. Тиранијата може да цвета и зад републиканските фасади. Римската политика била жестока борба меѓу амбициозните луѓе, што со векови ја ограничувале некои непишани правила. Нив ги опишува Адријан Голдсворди во својата книга „Во името на Рим“: „Колку и да се важни славата или семејниот углед, тие секогаш се подредени на општото добро на републиката... Ниеден разочаран римски политичар не бара помош од надворешна сила.“

Некогаш и Америка била земја каде истакнати сенатори повикувале на договор меѓу партиите. Но, сега добивме претседател кој отворено побара од Русија да ја порази неговата противничка, додека неговата партија молчеше. (Анкетите покажуваат дека сè повеќе републиканци имаат поволно мислење за Владимир Путин, иако руската страна беше вмешана во последните американски избори.) Важно е да се победи – за републиката кому му е гајле. И што тогаш се случува со неа? Во Стариот Рим никогаш формално не дошло до премин на републиката во царство. Со земјата и натаму официјално владеел Сенатот, кој за секое важно прашање му се обраќал на императорот, чија титула била само „командант“. Можеби нема да тргнеме по истиот пат (дали сме сигурни во тоа?), но на големо е во тек разградување на демократијата зад маската на нејзината појавност.

Земете го за пример тоа што се случи во Северна Каролина. Гласачите со убедливо мнозинство избраа гувернер демократ. Законодавните тела што ги контролираат републиканците не го поништија отворено тој резултат, но го лишија гувернерот од сите овластувања и со тоа порачаа дека не им е грижа за одлуката на гласачите. Ова поврзете го со напорите да им се одземе правото на глас на малцинствата и ќе добиете еднопартиска држава со привид на демократија, каде сè е наместено другата страна да не може да победи.

Зошто се случува ова? Не прашувам зошто белата работничка класа ги поддржува политичарите кои работат против нејзините интереси (со тоа ќе се познимавам во наредните колумни). Моето прашање гласи: како политичарите од една партија престанаа да водат грижа за американските вредности? Притоа мислам на Републиканската партија, т.е. во никој случај не мислам дека „се виновни сите подеднакво“. Што е причината за тоа? Мислам дека не е идеологија во прашање. Политичарите заговорници за слободен пазар просто откриле дека другарскиот капитализам (crony capitalism) е добар ако се работи за нивни блиски луѓе. Тоа нема врска ни со класната борба – да се земе од сиромашните и средната класа за да им се даде на богатите, што е една од главните карактеристики на модерната Републиканска партија.

Овој напад директно е мотивиран од ситничав кариеризам на „фотељашите“ од системот заштитен од притисокот на јавноста со прекројување на изборните единици, непоколеблива верност кон партијата и плутократскиот финансиски балон. На таквите луѓе партијата им е единствена светост. Како вистински измамници, тие ќе побеснат кога некој ќе ги разоткрие. Очевидно е дека пропаста на американската политика не почнала со Доналд Трамп, како што пропастот на римската политика не почнал со Цезар. Ерозијата на демократските темели трае веќе неколку децении и никој не ни гарантира дека ќе закрепнат. Ако постои надеж, таа пред сè е во признанието дека состојбата е лоша. Американската демократија е на работ на пропаста.“ 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура