X
 16.02.2020 Живот

Еден ден поминат со мештанин во Финска

Финска беше прогласена за најсреќна земја во светот во последните две години. Минатото лето државата претстави програма наменета за туристите кои од прва рака може да почувствуваат на што се должи нивната среќа. Програмата е наречена „Изнајми Финец“ (Rent a Finn).

Новинарка во „Инсајдер“ неодамна имала можност да помине еден ден со Хајди Џохансон, вработена во туристичкиот центар во Хелсинки. Хајди ја однела новинарката на прошетка низ Хелсинки, ѝ ги претставила финските вредности на живеење и ѝ покажала како живеат Финците. Како изгледал овој ден?

Двете жени прво посетиле еден од старите пазари во Хелсинки. Во овие стари градби има тезги на кои се продава храна, а некои луѓе ги посетуваат за дружба и кафе. Потоа следувала прошетка во центарот на градот и низ парковите во кои децата се санкаат во зима, а луѓето прават пикници во лето. Архитектурата е срцето на градот, вели новинарката.

За ужина двете жени ја посетиле познатата пекарница „Кафе Еспланад“ и купиле традиционални кроасани со цимет.

Фото: Фејсбук

Потоа следувала прошетка покрај пристаништето, а го виделе и панорамското тркало кое има кабина што претставува сауна. Тркалото се наоѓа до група базени, топли и студени. Хајди открила дека таа би одела на пливање таму секое утро кога
би можела. Базените биле полни иако било понеделничко утро. Во базените има и сауни, а се одржуваат и часови по јога во сауните.


Фото: Pixabay

За да се стоплат, Хајди и новинарката влегле во уште еден затворен пазар во кој јаделе традиционални слатки и седнале во ресторан. Финците се добри во балансирањето на работните и приватните обврски, открила Хајди. Ова е особено точно за оние што работат во владата. Впрочем, новата 34-годишна премиерка на Финска, Сана Марин, предложила да се воведе четиридневна работна недела, но ова останува допрва да се имплементира.

Сепак, според Хајди, повеќето од компаниите им дозволуваат на вработените да го одбираат своето работно време и во државата нема големи разлики во правилата за мажите и за жените, иако има разлика во нивните плати. Хелсинки е град кој го поттикнува пешачењето, а има и подземни премини за пешачење додека врне. Јавниот превоз е евтин, а добивате бесплатен месец доколку платите годишна карта. Тој е бесплатен за оние што го користат со количка за бебе.

Во Хелсинки одреден дел од домовите се резервирани за студенти и луѓе на кои им е потребна финансиска помош. Исто така, компаниите што сакаат да изградат нови згради мора да издвојат 1% од трошоците за уметност, како мурали или скулптури.

Финците го ценат и времето поминато во природа. Хајди живее на половина час од Хелсинки, покрај езеро. На езерото има остров полн со колиби кои Финците ги користат како летни викендици. Повеќето куќи во Финска имаат приватни сауни, а зградата во која живее Хајди има заедничка сауна на највисокиот кат. Просечно има една сауна на двајца жители во Финска.

Времето поминато во природа, едноставната храна и сауната се некои од работите во кои Финците наоѓаат задоволство, а овој став веројатно придонесува за квалитетот на нивниот живот. Освен тоа, властите се фокусираат на значењето на учењето, еднаквоста и добрите услови за родителите. Очигледно е дека во Финска повеќе се работи за да се живее отколку да се живее за да се работи.

Автор: Рејчел Хози
Извор: insider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот