X
 21.08.2019 Живот

Темната страна на еден од најдобрите здравствени системи во светот

Во потрага по пример за најправедно општество, независниот американски сенатор - демократски кандидат за претседател на минатите избори во САД, Берни Сандерс, бараше примери во земјите во Северна Европа.

Таканаречениот „нордиски модел“ е составен од богати држави кои се финансираат со релативно високи даноци, а чии влади им даваат можност за висококвалитетно образование и здравствена заштита на сите жители.

Според Сандерс, САД би можеле да научат многу работи од овие нордиски земји.

Здравствениот систем финансиран од државата, познат како „Медикер за сите“, беше една од големите идеи на овој сенатор како кандидат за претседател во 2020 година. Тој се мотивирал од нордискиот модел, со оглед на тоа што на неговиот твитер-профил сподели дека во Финска раѓањето деца чини многу помалку отколку раѓањето деца во САД.

Меѓутоа, Си-ен-ен не се согласува со оваа споредба. Тешко е да се спореди земја како Финска, која има жители колку Минесота, со САД. Ниеден здравствен систем кој е вкоренет и во историјата и во географијата на една земја не може да овозможи совршен модел за друга земја.

Но, финскиот здравствен систем, стар 130 години, доста работи на тоа. Не само што голем дел од населението, 88 отсто, се задоволни од системот, туку и неговата бесплатна грижа значи дека ниту еден Финец не заглавил во долгови поради медицински трошоци.

Како што истакнува финската новинарка Ану Партенен, не можете да ја планирате болеста како што можете да ја планирате факултетската школарина или купувањето нов автомобил. Никој не знае кога ќе му биде потребна медицинска нега, која честопати е доста скапа.

- Здравството не е како купување фармерки. Пациентот не може да каже дека овој третман за ракот е премногу скап, избирам да не го купам бидејќи типичните закони на пазарот не се однесуваат на здравството - вели таа.

Во Финска, здравствената заштита се смета за право, а не за привилегија, вели Ану и затоа јавното здравство се менаџира од владата наместо од приватниот сектор.

- Не станува збор само за правичност, туку и за ефикасност. Финската влада ќе преговара за цените на лековите со компаниите што ги развиваат тие третмани - во САД проблемот е што на „Медикер“ му е забрането да преговара за вакви работи, што нема никаква смисла - вели Ану.

Тука е и квалитетот на системот, во однос на резултатите од грижата за пациентите. Финска е една од петте земји со најниска стапка на смртност кај мајките, а Финците имаат подолг животен век од Американците. Исто така, Финска е една од првите земји во светот за пристап до здравствена заштита.

Но, не е сè така розово. Во март финската влада поднесе оставка бидејќи не успеа да ја спроведе својата реформа во здравствената заштита преку парламентот, станувајќи втора влада по ред што не успеала да го стори тоа.

Децентрализираниот систем на здравствена заштита во Финска честопати е управуван од локалните општини со население од стотици илјади до помалку од 100 луѓе. Таа децентрализирана природа не само што е многу скапа за одржување, туку може да произведе и огромни разлики во квалитетот на грижата.

Општините добиваат средства за здравствени услуги засновани врз бројот на населението што може да се оданочи, што може да го отежне обезбедувањето услуги во далечните и поголемите области - каде што тие услуги се поскапи.

Како што популацијата на земјата старее и паѓа наталитетот, бројот на даночните обврзници што плаќаат се намалува, додека целокупното население живее подолго и прави поголем товар врз ресурсите. Во 2018 година самец Финец се соочил со просечна нето-стапка на данок од 30 отсто.

- Финците имаат сè помалку и помалку деца. Луѓето стареат. Затоа ни се потребни повеќе луѓе, бидејќи ни се потребни даночни обврзници - вели Јуха Тоуминен, извршен директор на најголемата болница во Финска.

- Така што, ако мислите на одржливоста, или треба да се зголеми населението во Финска или ќе мора да ги намалиме трошоците - додава тој.

За здравствениот систем на Финска да биде финансиски одржлив, една од целите на предлогот за реформа на последната влада беше да ги намали трошоците со централизирање на услугите и воведување повеќе приватни опции. Но, централизацијата се покажува како незгодна во земја што е ретко населена во некои области и каде што системот за здравствена заштита е дизајниран да им служи дури и на најоддалечените делови на земјата. 

Како што се намалува финансирањето за идните генерации, би можело да се случи сè повеќе Финци да не бидат задоволни од медицинските услуги. Ако не биде реформиран, финскиот систем би можел да стане нерамноправен, а сиромашните луѓе и оние што живеат во оддалечените области ќе бидат исклучени од самиот систем, кој првично бил создаден за да им служи.

- Луѓето надвор од Финска ги гледаат само добрите страни на системот. Нормално, им ја покажуваме на луѓето сончевата страна на улицата, но постои и темна страна. А здравствената заштита се наоѓа на темната страна. Овој проблем го имаме веќе со години - предупредува Хеики Хиламо, аналитичар за социјална политика, кој ги советувал владите за реформирање на системот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот