X
 16.02.2020 Живот

Ги претставивме кандидатите за студентски лидер, Македонци се потпишуваат како Албанци и Турци за да се вработат, на „Медена земја“ не ѝ се насмеа „Оскар“

Студентите конечно добија нов студентски лидер, Маријана Пипилева од Охрид е мајстор во изработки на филигрански накит, зошто Македонци се пишуваат како Албанци или Турци за да се вработат во Музејот во Струга? Буричнавме низ одаите на семејната куќа на графичкиот дизајнер Зоран Кардула во Крушево кои кријат интересни и автентични предмети и фотографии од едно дамнешно време – ова се дел од содржините на кои се фокусиравме изминатата недела.



Македонци што се потпишале како Албанци и Турци се избрани на конкурсот за вработување во струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“, објавен пред два месеца. За позицијата кустос-археолог во огласот е нагласено дека е за Албанец (според Рамковниот договор). Зa оваа позиција избрана е кандидатката Светлана Наумоска. За огласот биолог-зоолог наменет за Турчин(ка) е избрана Ангела Тасеска. Kандидати што се пријавиле на огласот реагираат дека се изиграни поради неправилно спроведениот конкурс. Според пропозициите, огласот за националности се објавува двапати. Ако не се избере соодветен кандидат, местата се пополнуваат со третиот објавен конкурс, на кој може да се пријави секој. Овие кандидати се избрани по првото објавување на огласот.

Александар Ѓоргиевски и Борјан Ефтимов

Борјан Ефтимов, студент на прва година на мастер-студии на Правниот факултет, и Александар Ѓоргиевски, апсолвент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, се кандидати за студентски лидер на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Третиот кандидат, кој бил од Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, се откажал, дознава Факултети.мк.
Кои се кандидатите што сакаат да ги водат студентите? Тие двајца синоќа имаа јавна дебата на која ги претставија своите програми. Меѓу двајцата студенти ќе се гласа денеска во 17 часот во Ректоратот. Победникот треба да освои најмалку 24 гласа од вкупно 46 члена на Универзитетското студентско собрание.



Маријана Пипилева е изработувач на филигран од Охрид и фотограф што зрачи со креативност и сензибилитет. Таа е скромна и многу вредна девојка, а нејзиното око ги лови убавината и природата што ја опкружуваат. Со вредните раце создава прекрaсен накит од филигран, опточен со охридски бисери и македонски рубин.
Таа секое утро на своите следбеници на социјалните мрежи, кои ги има од целиот свет, им упатува поздрав со најубавите фотографии направени од неповторливите пејзажи со кои изобилуваaт Охрид и околината. Покрај тоа што слика, упатува и мудри стихови кои допреле до нејзината душа.
Филигранот е најпрецизна техника на изработка на накит.
Маријана е девојка не само со чувство за убавата фотографија, туку има и „златни раце“. Вели дека кога размислувала за својата идна професија, отсекогаш сакала таа да биде поврзана со рачна изработка. „Занает кој ќе можам да го работам секаде“, вели таа.
Преку случајна едукација на курс за зачувување на занаетите во изумирање, ја продолжува традицијата и преку филигранот создава ремек-дела. Од нишките сребрена жица создава уникатни креации од филигран - традиционална техника за изработка на накит. За создавање различни парчиња накит се потребни трпение, посветеност и упорност, вели таа. Со крајна скромност раскажува од каде потекнува нејзината љубов кон филигранството, кое традиционално е машки занает.



„Моето семејство кон крајот на 18 век од Грамос, Грција, се доселило во Крушево. Тоа е време кога многу влашки семејства, бегајќи од зулумите на Али-паша Јанински, ги напуштаат своите родни места како Грамос, Москополе, Епир и се населуваат низ целиот Балкан. Јас сум роден во Крушево, но живеам во Скопје“.
Реномираниот графички дизајнер Зоран Кардула вели дека Крушево засекогаш ќе биде негова голема инспирација. Но, повод за разговорот не е неговата професија, туку неговата страст, која повеќе од една година ја објавува и на социјалната мрежа „Фејсбук“. Фотографиите што ги објавува одвреме-навреме, буричкајќи низ одаите на семејната куќа во Крушево, полека прераснаа во своевидна рубрика која ја нарече „Од убавините на едно време“.

- Тоа се фотографии од предмети што ги имам сочувано и се од големо значење за мене, а ја откриваат сликата на едно време, на еден живот кој го имаа моите предци во Крушево - ја почнува Кардула приказната.
Роден е во 1967 година (во Југославија), многу подоцна од периодот откога датираат предметите што ги објавува. Национализацијата спроведена по Втората светска војна го опфатила и неговото семејство. Речиси сè им било земено, а половината од семејната куќа била дадена на користење на Општината. Дури по 1967 година е вратена во сопственост на семејство. Куќата била изградена во 1930 година во староградски, но не во типичниот крушевски стил.


Екипата на „Медена земја“ на црвениот тепих пред театарот „Долби“

На екипата на „Медена земја“ не ѝ се насмевна среќата да добие „Оскар“ во некоја од двете категории на 92. церемонија на престижните награди. „Американска фабрика“ го освои „Оскарот“ за најдобар документарец, а во категоријата најдобар странски филм победи јужнокорејскиот „Паразит“.
Корежисерката на „Американска фабрика“, Џулија Рајхерт, им се заблагодари на сите номинирани во оваа категорија, споменувајќи го и „Медена земја“ и Македонија. Примајќи ја наградата за најдобар странски филм, режисерот Бонг Џон Хо изјави дека поддржува што Академијата внесува новини во категориите, односно што од оваа година категоријата за филм од неанглиско говорно подрачје стана најдобар странски филм.
- Самото тоа што Академијата го номинира документарецот „Медена земја“ во оваа категорија е голем успех и за филмот и за Македонија - изјави Бонг Џон Хо.
Во тимот на „Медена земја“ во театарот „Долби“ беа Тамара Котевска, Љубомир Стефанов, Атанас Георгиев, Самир Љума, Фејми Даут, како и ѕвездата на филмот, Атиџе Муратова, која даде и изјава за турски медиум.



Конкурсот во струшкиот музеј е спроведен законски и нема да биде поништен, вели Јован Василески, в.д. директор на оваа институција. Факултети.мк вчера објави дека Македонци што се потпишале како Албанци и Турци се избрани на конкурсот за вработување во струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“. Револтирани, реагираа кандидати кои на огласот се изјасниле според реалната националност.

- Конкурсот беше регуларен. Не може да се поништи бидејќи сè беше законски - дециден е Василески.
На прашањето дали е очигледно дека луѓе со македонски имиња и презимиња се вработени како друга националност, тој кусо одговори:
- И според имињата и според сè друго, тие се вработени законски. Комисијата работеше според Закон, Управниот одбор исто така. Сите избрани имиња и националности се во согласност со тоа што го бараше огласот - вели Василески.
Според пропозициите, огласот за националности се објавува двапати. Ако не се избере соодветен кандидат, местата се пополнуваат со третиот објавен конкурс, на кој може да се пријави секој. Кандидатите биле избрани по првиот оглас објавен на 19 декември, а резултатите биле соопштени на 29 јануари. Правник за Факултети.мк објаснува дека не постои правен документ кој потврдува или може официјално да смени национална припадност.
- Секој се изјаснува според тоа како лично се чувствува - вели тој.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот