X
 20.08.2020 Наша тема

540 студенти не добиле домашни платежни картички со по 3.000 денари. Може да ја тужат државата

Од Министерството велат дека ги добиле приговорите што ги има испратено УСС и дека ќе бидат проследени до факултетите, кои треба да кажат дали приговорите се прифатливи

Иако според уредбата на Владата што беше усвоена на крајот од мај на студентите во земјава им следуваа домашни платежни картички, 540 студенти не ги добија, вели Борјан Ефтимов, претседателот на Универзитетското студентско собрание. Сега и да ги добијат, не можат да ги искористат бидејќи рокот за користење заврши. Ефтимов објаснува дека ќе се бараат правни начини да се реши проблемот.

- Според уредбата, студентите не требаше да аплицираат за картичка, туку на сите требаше да им бидат распределени. На 10 јуни беше објавен списокот и голем број студенти недостигаа, 2.400 само од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. До нас стигнаа 2.400 приговори од студентите. Тогаш исконтактиравме со Генералниот секретаријат на Влада и во меѓувреме на „Купувам домашно“ овозможија преку е-пошта оние што ги немаше на списокот, а требаше да добијат картичка, да пратат приговор - вели Ефтимов.



На 15 јули било објавено дека сите приговори се обработени, дека дел се прифатени, но оние што поднеле приговори, а не биле додадени на списокот, не биле информирани зошто повторно ги нема на списокот.

- Ние, заедно со тие 540 студенти, се обративме до Генералниот секретаријат и до Министерството за образование и наука, од каде што имаше најави дека ќе го решат проблемот, но во меѓувреме истече рокот за користење на картичките и студентите се оштетени - нагласува Ефтимов.

Како тело, тие сега не можат да преземат институционални чекори, освен да контактираат со здруженија на правници кои про боно би им помогнале на студентите да ги разгледаат правните механизми, како можат да тужат.

- Ова право им следуваше со уредбата, со сила на закон, па сега тие се обесправени. Проблемот е што во управна постапка секој сам треба да ги сноси трошоците ако тужи. Не знам кој студент би се впуштил во трошоци со оглед на фактот дека сумата на картичката е 3.000 денари. Ние како УСС не можеме да поднесеме групна тужба, такво нешто кај нас не постои - додава Ефтимов.


Борјан Ефтимов / Фото: Борче Поповски

Од Министерството велат дека ги добиле приговорите што ги има испратено УСС и дека ќе бидат проследени до факултетите, кои треба да кажат дали приговорите се прифатливи.

- Потоа одговорите ќе бидат испратени до Генералниот секретаријат, кој ќе ја ажурира листата со корисници на мерката објавена на kupuvamdomasno.gov.mk - велат од МОН.

Помошта од Владата од 3.000 денари преку картичка беше дел од сетот мерки што беа директно наменети за граѓаните во период на криза поради Ковид-19.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема