X
 16.02.2022 Живот

Милијардер ќе оди подалеку во вселената од кој било човек во последните 50 години

Џеред Ајзакман, милијардер и извршен директор на компанијата „Шифт 4“, купи уште три лета од „Спејс екс“, од кои првиот е закажан за оваа година и може да ги стави Ајзакман и „Спејс екс“ на пат подлабоко во вселената отколку што  кој било човек патувал во последните 50 години.

Првиот лет од серијата мисии наречени „Поларис“, по ѕвездата Северница, е планиран за крајот на оваа година и ќе трае до пет дена, а на летот ќе бидат Ајзакман и уште три лица.

Се очекува да стигнат до Ван Аленовиот радијациски појас, кој има внатрешна лента што се протега од 600 до 9.600 километри над Земјата, делумно за да му помогне на екипажот да истражи како зрачењето на вселената влијае врз човечкото тело.

Радијацијата останува сериозна грижа за вселенските летови до Месечината и до Марс, со оглед на тоа што продолжената изложеност на радијација може да доведе до зголемен ризик од рак и дегенеративни болести, како и други долгорочни влијанија, вели НАСА.

Ајзакман изјави дека мисиите „Џемини“ од 20 век, кои поставија рекорди за надморска височина во тоа време, се водилка за тоа колку високо ќе патува првата мисија на „Поларис“. Мисиите „Џемини“ достигнаа 1.367 километри или околу трипати повисоко од местото каде што орбитира Меѓународната вселенска станица. Ајзакман одби да сподели одредена височина за летот.

Во текот на мисијата екипажот ќе спроведе вселенска прошетка, прва за секој што патува со капсулата „Спејс екс драгон“.

ajzak
Фото: Wikipedia

Ајзакман, кој го привлече меѓународното внимание кога го купи првиот туристички лет на „Спејс екс“ наречен „Инспирејшн 4“, рече дека првата мисија ќе биде проследена со втора мисија.

- Ќе одиме подалеку отколку што отидоа луѓето последен пат - изјави Ајзакман.

Досега „Кру драгон“ носеше астронаути само на патувања до ниската орбита на Земјата, или областа на вселената директно околу Земјата. Мисијата „Инспирејшн 4“ го одбележа највисокото летање на „Кру драгон“ досега, а неодамнешната најава покажа дека „Поларис“ ќе патува најмалку двапати толку далеку.

Не е јасно колку овие мисии ќе го чинат Ајзакман, а тој одби да коментира за ова прашање. Исто така, тој не откри колку платил за мисијата „Инспирејшн 4“ минатата година, но спомена дека платил помалку од 200 милиони долари.

- Знаеме дека вселената е скапа. Но, трошоците ќе се намалат исто како и за секоја друга револуционерна технологија - вели тој.

Во првата мисија „Поларис“ на Ајзакман ќе му се придружат ветеранот Скот Потет и двајца оперативни инженери на „Спејс екс“, Сара Гилис и Ана Менон. Ајзакман ќе биде единствениот член на екипажот со претходно искуство со лет во вселената.

Исто така, екипажот ќе ја тестира употребата на „Старлинк“, сателитиски интернет-бизнис на „Спејс екс“ за комуникација во вселената. Досега „Старлинк“ се користеше само за пренос на интернет-конекција до клиентите, но системот може да се користи за поддршка на комуникациите за време на орбиталните летови.

Екипажот ќе спроведе и некои истражувања поврзани со здравјето, вклучително и студија за декомпресија и друга фокусирана на тоа како астронаутите би можеле да го ублажат невроокуларниот синдром поврзан со вселенски летови, или САНС, состојба која може да ја промени структурата на очите и мозокот, предизвикана од бестежинска состојба и пријавена од 70 отсто од астронаутите. Симптомите може да вклучуваат губење на блискиот вид, слепи точки, главоболки и губење на перцепцијата за длабочина.

На презентацијата за „Старшип“ во Тексас минатата недела, Маск рече дека се надева дека возилото - кое досега има спроведено само кратки, суборбитални „хоп тестови“ - ќе го направи својот прв орбитален лет тест оваа година, без екипаж.

Извор: CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот