X
 16.02.2022 Наша тема

Зоран Гаврилов од Кочани - најдобар студент по фармација во Скопје

За „Факултети.мк“ раскажува за сите предизвици со кои се соочува како млад фармацевт, но и за дилемите каде да ја продолжи својата кариера. Предлага повеќе промени во македонскиот образовен систем, но и повеќе вложувања во истражувачката дејност

Како се доаѓа до признанието најдобар студент на природните или медицинско- фармацевтските науки? Колку е тежок тој пат, кој е предизвикот да се тргне по него?
Одговор на овие прашања има Зоран Гаврилов од Кочани, кој на 24 години е прогласен за најдобар студент со просек од 9,49, како магистер по фармација на Фармацевтскиот факултет во Скопје, во генерација од Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

За „Факултети.мк“ раскажува за сите предизвици со кои се соочува како млад фармацевт, но и за дилемите каде да ја продолжи својата кариера. Предлага повеќе промени во македонскиот образовен систем, но и повеќе вложувања во истражувачката дејност.

Љубовта и интересот кон природните науки кај него постојат уште од најрана возраст.

- Уште во средното училиште особен интерес покажував кон хемијата, за што сведочат многубројните учества и награди на државните натпревари по хемија. Морам да ги издвојам и двете учества на Интернационалната олимпијада по хемија во Баку и Тбилиси, каде што ја претставував Македонија, односно бев дел од екипата составена од четворица најдобри ученици - вели тој.



Токму затоа и хемијата, која несомнено има голема примена во фармацијата, била и причината да се одлучи да студира фармација.
- И поголемиот дел од членовите на потесното и поширокото семејство се медицински лица (фармацевти, стоматолози, доктори). Можеби и генетиката си го направи своето - низ смеа вели младиот фармацевт.

Изминатите неколку месеци престојува во Словенија на пракса, односно на истражувачки престој на одделот за клиничка биохемија на Фармацевтскиот факултет во Љубљана.

- Учествувам во истражувачки проект за функционална карактеризација на протеини при остеопороза. Поконкретно станува збор за четири протеини. Целта е да се открие нивната поврзаност со остеопорозата и нивниот механизам во настанувањето на ова заболување. За таа цел, користиме клеточни линии и со помош на Crispr/Cas9 генско едитирање и потоа со други молекуларни и биохемиски техники се обидуваме да ја откриеме улогата на овие протеини. Генерално сум многу задоволен, научив доста за кратко време, добро сум прифатен од колегите и ова претставува големо искуство кое би ми помогнало понатаму - вели тој.

Планира да запише докторски студии во некоја од западноевропските или скандинавските земји. Целта му е во иднина да се занимава со научноистражувачка работа.

- Она што најмногу ме интересира е механизмот на дејствување на лековите на молекуларно ниво, како и механизмот на настанување на болестите на молекуларно ниво, а во последно време имам интерес и за биоинформатика - објаснува Гаврилов.



Желбата да се знае е доволен мотив за успех

Вложениот труд, континуираното учење, но пред сѐ интересот и љубовта кон фармацијата се причините за високите оценки на Гаврилов.

- Доколку не се сака она што се учи или работи, мислам дека е тешко да се постигне успех дури и со многу вложен труд. Не очекував и не ми беше најважно да имам многу висок просек. Знаеме сите дека просекот не е најважен за успех. Она што ми беше поважно е да стекнам што е можно повеќе знаења и искуства. Ми беше важно да видам и нешто повеќе преку престои во странство. Затоа поминав еден семестар преку Еразмус-програмата на Фармацевтскиот факултет во Валенсија, а потоа имав и краток престој од два месеца на Фармацевтско-биохемискиот факултет во Загреб - вели тој.

Студиите не му задавале тешкотии.

- Знаеме дека Фармацевтскиот факултет е еден од потешките факултети. Но, би рекол дека уживав во текот на студирањето. Тука, секако, е и дружбата со колегите, особено за време на паузите и на практичната настава. Повеќе предмети ми се омилени, но кога веќе треба да издвојам, тоа се молекуларна и клеточна биологија и генетика, фармакологија, имунологија и секако да не ја заборавиме хемијата (особено органска и биоорганска хемија). Времетраењето на подготвувањето за полагање испит зависеше од повеќе фактори, но со редовно присуство на предавањата и практичната настава, континуирано учење во текот на учебната година, доволна беше една недела пред испитот да се повтори материјалот и евентуално да се совлада она што е помалку познато - раскажува Гаврилов.

Професори што му го трасирале патот

Иако ги почитува сите професори, би издвоил неколкумина што му оставиле впечаток во текот на студиите.
- Тоа се д-р Надица Матевска-Гешковска, професор по молекуларна биологија и генетика и имунологија, менторка на дипломскиот труд, од која научив многу особено за време на изработката на дипломскиот труд и за време на кратката пракса во Центарот за биомолекуларни анализи при Фармацевтскиот факултет. Потоа, д-р Кристина Младеновска, професор по фармакологија, од која исто така научив доста од квалитетно одржаните предавања, а и мора да ги издвојам нејзината професионалност и принципиелност во работата на кои им се восхитувам. Воедно, под нејзино менторство учествував во проект од областа на нанотехнологијата за јаглеродни нанотуби за испорака на темозоломид во третман на глиобластома. Тука е и д-р Зоран Стерјев, професор по фармацевтска хемија. Сакам да споменам и професори од моите престои во странство. Тоа се д-р Надежда Апостолова, професор по фармакологија во Валенсија, личност на која ѝ се восхитувам поради огромното знаење што го поседува и начинот на кој ги одржуваше предавањата и практичната настава, и д-р Донатела Вербанац, професор по клиничка биохемија, ментор за време на мојот престој во Загреб - посочува Гаврилов.

Фармацевтите се важна алка во здравствениот систем

Гаврилов ги советува студентите по фармација максимално да го искористат периодот на студирање за стекнување знаења, вештини, искуства, познанства, да поминат дел од студиите во странство преку некоја од програмите за размена.

- Тоа е огромно искуство кое може многу да им помогне понатаму и може позитивно да ги промени како личности, да имаат свој сон и да дадат сѐ од себе за да им се оствари. За да се постигне успех, потребно е да се сака тоа што се студира, односно учи. Кога постои желба и одлучност, и невозможното станува возможно - објаснува тој.

Според него, со фармација дефинитивно има просперитет во нашата земја.



- Како прво, факт е дека не постои невработен фармацевт. Фармацевтите не се обични „аптекари или продавачи“, туку имаат многу повеќе знаења и вештини од тоа. Фармацевтите не работат само во аптека. Има многу фармацевтски компании во кои работат многу фармацевти и во кои се вложува многу во истражување и развој и во усовршување на стручниот кадар. Фармацијата е и интердисциплинарна област. Во однос на сегашната ситуација со пандемијата и вакцините, фармацевтите исто така имаат доволно знаења за вакцините, нивната употреба, ефикасност и безбедност. Затоа треба да им се верува на фармацевтите и генерално порака до сите е да ги почитуваат фармацевтите кои се важна алка од здравствениот систем - додава младиот фармацевт.

Образованието е темел на една држава

Смета дека на македонскиот образовен систем му се потребни промени. Предлага повеќе да се вложува во науката и во научноистражувачки проекти.

- Образованието е еден од темелите на секоја држава. Држава со лош образовен систем нема светла иднина. Повеќе внимание треба да се посвети на практична примена на знаењето, а не само „сувопарно“ учење, учење напамет и учење факти без нивна примена. Така и самите испити би требало да бидат конципирани на тој начин, преку конкретни примери, проблеми и повеќе логичко размислување - посочува тој.



Во таа насока вели и дека е многу тежок одговорот на прашањето како да се мотивираат младите да продолжат да ја градат својата кариера и иднина во земјава.

- Многумина од младите заминуваат од Македонија од финансиски причини, но многумина заминуваат и заради подобар квалитет на живот (подобро здравство, образование, почиста животна средина, подобро функционирање на институциите). Веројатно не би заминувале доколку се подобри сето ова, но и ако се посвети повеќе внимание на младите, амбициозни и успешни кадри да бидат постимулирани, ситуацијата полека би се променила - заклучува Гаврилов.



Фото: приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема