Предизвикот ќе започне на изгрејсонце на аеродромот Стенковец, а ќе заврши доцна навечер на брегот на Охридското Езеро. Во текот на еден ден учесниците ќе поминат стотици километри низ Македонија, менувајќи различни начини на движење и совладувајќи активности што бараат физичка подготвеност, концентрација и издржливост
Јане Стефанов и Љубомир Нетков, долгогодишни инструктори и ентузијасти во повеќе адреналински дисциплини, си зададоа еден адреналински и уникатен предизвик - утре, за 24 часа да поминат девет адреналински активности - во воздух, земја и вода.
Предизвикот ќе започне на изгрејсонце на аеродромот Стенковец, а ќе заврши доцна навечер на брегот на Охридското Езеро. Во текот на еден ден учесниците ќе поминат стотици километри низ Македонија, менувајќи различни начини на движење и совладувајќи активности што бараат физичка подготвеност, концентрација и издржливост. Во рамките на предизвикот ќе бидат реализирани лет со спортски авион, падобрански, параглајдерски лет, мототура низ Галичица, искачување на виа ферата, MTB даунхил спуст, нуркање, кајак и пловење со СУП.
- Сѐ почна како прашање: дали е можно за само 24 часа да се покаже целата таа разновидност? Да се полета со авион, да се скокне со падобран, да се лета со параглајдер, да се возат мотор и велосипед, да се искачи виа ферата, да се нурка, да се кајакари и да се заврши со СУП – сè во еден ден. Тоа не е направено за да докажеме колку сме издржливи. Направено е затоа што сакаме преку една силна видеоприказна да покажеме дека Македонија е место каде што за еден ден можеш да доживееш искуства за кои во многу други земји би ти требале недели. 24 часа адреналин не е комерцијален проект. Зависи од волонтери и клубови кои помагаат за секој сегмент во ова дневно патување - ни сподели Јане Стефанов.
Целта е секоја дисциплина да се изведе правилно и безбедно
Подготовките за овој предизвик дека траат повеќе месеци бидејќи ако условите не се добри, некоја дисциплина треба да се промени или да се прескокне.
- Не зборуваме само за физички тренинг, туку и за логистика која во многу моменти беше поголем предизвик од самите спортови. Моравме да ја испланираме секоја минута, да ги усогласиме времињата за летање, да ги координираме сите инструктори, клубови, пилоти, спасувачки екипи, медицинската поддршка и транспортот на опремата. Секој спорт има свои правила и безбедносни процедури, а кога ќе поврзеш девет различни дисциплини, тоа станува сериозна операција. Физички тренираме со години бидејќи сите спортови ни се дел од животот. Но најголемата подготовка беше да ги поврземе во една целина без да направиме компромис со безбедноста. Ако условите не се добри, некоја дисциплина ќе се промени или ќе се прескокне. Безбедноста секогаш е пред сè. За да може да се фокусираме на спортовите, ја делегиравме организацијата на нашата пријателка Теа Поповска - додаваат Јане Стефанов и Љубомир Нетков.
Предизвикот започнува на спортскиот аеродром Стенковец со лет со авион до Мало Коњари. - Во овој дел нѐ поддржува Клубот ПФЦ Скопје. Потоа следува падобрански скок на врвчето Баба на Галичица, 1.600 метри надморска височина. Мојот матичен клуб, Аероклубот Скопје, го помага овој дел. Оттаму ќе полетаме со параглајдер и ќе слетаме во Љубаништа или Отешево. Зависи од правецот на ветрот. За ова се грижи „ParaglidingOhridLake“. Потоа продолжуваме со мототура со Macedonia Adventure Ride Camp (M*A*R*C) до виа фератата Доброја, која ќе ја искачиме со пријателите од Планинска спасителна служба при Црвен крст Охрид и Планинска куќа Спиридон. Веднаш потоа следува MTB даунхил низ падините на Галичица до Пештани. За да ја најдеме патеката, се погрижи Јован Јовановски.
Кај Десарет влегуваме во вода за да нуркаме. За безбедноста ќе се погрижат Душко Николовски и Dive Camping Scout Струга. Договоривме максимум 20 метри, ама ако се чувствуваме добро, можеби и некое метро подлабоко. Од Пештани продолжуваме со велосипед до Лагадин. Тука ќе нѐ придружува нашиот пријател Вангел Тркаљанов. Од Лагадин започнува кајакарската маршрута до Куба Либре. Најстариот Охридски кајак кану клуб Стрмец ни помага во оваа фаза. Потоа следува СУП со SUP Club Ohrid до Канео каде што завршуваме со спортските активности и почнуваме со забава околу огнот во Камп скаут, Струга. Некои активности траат само неколку минути, како падобранскиот скок, а други можат да потраат повеќе од еден час. Не се обидуваме да брзаме по секоја цена. Целта е секоја дисциплина да се изведе правилно и безбедно - детално објаснуваат Јане и Љубомир.
Сакаме луѓето да ја видат Македонија од поинаков агол
Како што претпоставуваат, физички најголем предизвик веројатно ќе биде комбинацијата од виа фератата, MTB спустот и кајакот.
- Тоа е момент кога веќе ќе имаме зад себе неколку часа активност, а телото почнува да чувствува замор. Психолошки, најголемиот предизвик е што нема простор за грешки. Постојано мора да бидеш фокусиран. По десетина часа непрекинати активности, и наједноставната одлука може да стане тешка ако концентрацијата падне. На крајот, најважна нема да биде физичката подготвеност, туку тимската работа. Во ваков предизвик никој не успева сам. Имаме огромен тим кој стои зад нас и токму тие се причината што воопшто можеме да размислуваме за ваков проект - изјавува Јане.
Главната цел на предизвикот не е поставување рекорд, туку промоција на авантуристичкиот туризам, спортовите на отворено и природните можности што ги нуди Македонија.
- Сакаме луѓето да ја видат Македонија од поинаков агол. Преку видеото што ќе го направиме сакаме да инспирираме нови авантуристи. Најчесто кога се зборува за туризам, се споменуваат истите неколку локации. Но Македонија има планини, езера, карпи, кањони и услови за десетици авантуристички спортови кои се речиси непознати. Би сакале некој што ќе го гледа овој проект да си рече: „Не знаев дека ова може да се прави во Македонија.“ Ако успееме да инспирираме повеќе луѓе да почнат да планинарат, да научат да нуркаат, да пробаат кајак или параглајдер, тогаш веќе сме направиле нешто значајно. А ако некој странец ја стави Македонија на својата листа токму поради оваа приказна, тоа ќе биде уште поголем успех - додава Јане.
Во реализација на проектот учествуваат многу локални експерти, пилоти, инструктори, нуркачи, велосипедисти, медицински лица и логистички тимови, кои ќе ги придружуваат учесниците во различните делови од предизвикот. Целта е „24 часа адреналин“ да прерасне во традиционален проект што ќе ја позиционира Македонија како дестинација за авантуристички туризам и спортови на отворено, истовремено поврзувајќи ги локалните спортски заедници, експертите и ентузијастите околу една заедничка идеја.
Тоа е независен авантуристички проект создаден за да покаже колку различни спортски и природни искуства може да се поврзат во Македонија во текот на само еден ден. Проектот ги обединува воздухопловните, планинските, моторните и водените активности во едно 24-часовно патување низ земјата.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.