Друштвото на писателите на Македонија ги оценува како скандалозни, неприфатливи и спротивни на националниот интерес резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година во кои нема поддршка за манифестации и годишните награди што ги доделува најстарата, најрепрезентативна и најмасовна писателска асоцијација во државата.
Како што се наведува во соопштението од вонредниот состанок во врска со резултатите од Конкурсот, ДПМ се залага за почитување на приоритетите во културата, а книжевните награди кои ги носат имињата на нашите писатели - стожерници несомнено се еден од тие врвни приоритети во доменот на книжевноста и културата.
- Неприфатливо, скандалозно и спротивно на националниот интерес е во Годишната програма да не се издвојат средства за годишните награди на ДПМ: „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“, „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“. Тие се наши великани, основоположници и меѓници, чии имиња и дела се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската литература. Неприфатливо е и одбивањето да се финансира манифестацијата „Празник на липите“, која го промовира дијалогот меѓу македонската и светската поезија.
Исто така, во интерес на транспарентноста и одговорноста при распределбата на буџетските средства, ДПМ предлага преку страницата на Министерството за култура на јавноста да ѝ биде достапен списокот со сите предложени книги за публикување, а не само имињата и насловите на избраните проекти.
Иако со отсуството на поддршка во Годинешната програма дејноста на ДПМ во 2023 година е доведена во прашање, нема да дозволиме најстарата, најрепрезентативната и најмасовната писателска асоцијација, која постои и опстојува цели 76 години, да не го продолжи својот нагорен пат, кој е во неразделна врска со националните интереси, стои во реакцијата на ДПМ.
Извор: МИА