Убави вести од Конференцијата на Бонската конвенција во Узбекистан: евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот со преселни видови.
- Ова се одлични вести за сите заштитувачи од Европа и Азија - вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција.
- Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација - вели Меловски.
Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно бидејќи со овој чин властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка. Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово. Пред одржувањето на Конференцијата, партнерите на проектот – МЕД во Македонија и ППНЕА во Албанија – спроведоа кампања за овој важен исчекор во заштитата на балканскиот рис и лобираа кај владите во Скопје и Тирана.
Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис. Ова, меѓу другото, подразбира и развој на регионална стратегија за заштита на загрозениот подвид и нејзино преточување во национални акциски планови. Со ова ќе се овозможат прекугранични активности, како што е мониторинг на балканскиот рис.
- Со оваа одлука властите во Северна Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис - вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација Еуронатур.