X
 16.03.2024 Технологија

Хирурзи од Велика Британија ги користеле очилата „епл вижн про“ за помош при операција

Светот на медицината и технологијата се сретнаа уште еднаш, а овој пат во целиот процес се вклучени очилата „епл вижн про“ и хируршкиот тим од болницата „Кромвел“ во Лондон. Имено, хирурзите користеле очила за проширена реалност и виртуелна реалност со цел да им помогнат да изведат два микрохируршки зафати на 'рбет.

Иако во тимот биле хирурзите Фади Седра и Сајед Афтаб, медицинската сестра Суви Верхо била таа што ги носела очилата за да им помогне. Таа тврдела дека резултатите биле револуционерни. За разлика од традиционалните методи каде што асистентите можеби ќе треба физички да ги лоцираат алатките, „вижн про“ ја елиминира потенцијалната човечка грешка.

- Користењето на овие очила ја елиминира човечката грешка, ги отстранува претпоставките и ви дава доверба во операцијата - објаснила Верхо.

Ова не е првпат Верхо да користи уреди со проширена реалност во операционата сала. Таа претходно користела очила „хололенс2“ во слични интервенции, а сега истакнала дека „епл вижн про“ нудат значително подобрување.

Болницата дошла до овој уред преку компанијата „eXeX“, која обезбедува технолошки платформи за болниците. Хирургот Афтаб истакнал дека работата со оваа компанија направила огромна разлика во начинот на кој лекарите обезбедуваат грижа за пациентите. Тој смета дека софтверот е беспрекорен и има подобрена ефикасност во тимот воопшто. Објаснил и дека за време на операциите медицинските сестри често мора да работат со непозната опрема, а користењето вакви уреди им ја олеснува работата бидејќи побрзо учат.

- Откако „епл вижн про“ пристигнаа на пазарот, станаа достапни голем број здравствени апликации кои се компатибилни со нив - се вели во соопштението на американската технолошка компанија.

Меѓу нив има апликации кои дури можат да им помогнат на хирурзите да вршат трансплантација на колк и на колено.

Искуството на хирурзите од Велика Британија е чекор напред во имплементацијата на ваквата технологија, не само во хирургијата, туку и во медицината воопшто. Способноста за визуализација и пристап до алатките без пречки во оперативното поле има потенцијал да ја подобри хируршката прецизност, да ги намали грешките и да ја подобри севкупната ефикасност.

Извор: Benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија