X
 16.03.2024 Технологија

Подводните кабли за интернет ќе бидат лесна цел во војните во иднина

Неодамнешното оштетување на подводните кабли за интернет во Црвеното Море се чини дека не било намерно, но инцидентот во оваа зона на конфликт дополнително покажува колку е лесно да се нападнат.

Три кабли со оптички влакна биле оштетени во Црвеното Море, што предизвика намалување на брзината на интернетот во регионот. Поправките може да траат со недели, па дури и месеци, поради конфликтот во Јемен. Околу 25 отсто од интернет-сообраќајот во регионот минува преку тие три кабли, па сега операторите се принудени да се насочат кон други кабли и сателити за да го заобиколат проблемот. Причината за штетата најверојатно е сидрото на товарниот брод „Рубимар“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, во интервју за Си-би-ес. Бродот бил нападнат со проектили во средината на февруари, а потоа екипажот го напуштил.

Сечењето на овие кабли не било намерно дело, но инцидентот ја истакнува големата ранливост на подводните кабли низ кои минува околу 97 отсто од глобалниот интернет-сообраќај.

-Едноставно е вознемирувачки и тешко е да се утврди дали штетата била случајна или намерна. Овој факт станува уште поважен бидејќи светот полека се оддалечува од концептот на големи воени акции, а геополитичките ривали сѐ повеќе размислуваат за посуптилни напади. И порано имало инциденти со оштетување на кабли, за кои се сомневаше дека се намерни, но една од причините зошто ова е толку предизвикувачки проблем е фактот што лесно се случуваат несреќи. Ова е одлично за секој непријател кој сака да дејствува во сиви области и не сака да преземе одговорност за какви било напади - изјавил Мајкл Дара, воен соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Сепак, помалите напади како овој не се нужно голем проблем, смета Тим Стонџ, потпретседател за истражување во аналитичката компанија „Теле џеографи“.

- Секоја година има околу сто инциденти со подводни кабли и индустријата е навикната да прави грешки. Околу две третини од овие инциденти се предизвикани од човечки активности - каблите се заплеткуваат во рибарските мрежи или се повлечени од сидра. Времето потребно за поправка зависи од локацијата на штетата и јурисдикцијата во која настанала, но генерално не е подолго од неколку дена - вели Стонџ.

Сопствениците на речиси сите подводни кабли се приватни индустрии. Многу постари кабли биле изградени од конзорциуми или телекомуникациски оператори, или пак од компании кои ги изградиле за да ги продаваат на давателите на услуги. Неодамна, дури и Силициумската долина влезе на овој пазар. „Теле џеографи“ проценува дека „Мета“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Амазон“ поседуваат или изнајмуваат речиси половина од пропусниот опсег на интернет во подводните кабли.

Стонџ додава дека индустријата најмногу се подготвува за прекини со дополнителни опции. На пример, откако три кабли беа оштетени во Црвеното Море, во регионот останаа уште 11. „Теле џеографи“ проценува дека моментално има околу 574 активни или планирани подводни кабли. Тоа значи дека е мала веројатноста дека една земја ќе биде целосно отсечена од интернет, освен ако не е островска држава, како што беше случајот со Тонга во 2022 година кога единствениот подводен кабел беше уништен од подводна вулканска ерупција. Штетата е санирана за еден месец.

Сепак, со оглед на тоа колку глобалната економија се потпира на пристапот до интернет, владите низ светот почнаа да преземаат дополнителни чекори за заштита на подводните кабли. Минатата година НАТО отвори координативен центар чија цел е заштита на подводната инфраструктура, а формира и заедничка работна група со Европската Унија.

- Главната причина зошто подводната инфраструктура е атрактивна цел за намерни напади е анонимноста што автоматски доаѓа со пакетот. Ако ја отстраните таа анонимност, целта станува многу помалку привлечна - заклучува Дара.

Извор: Forbes.n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија