X
 07.04.2018 Технологија

Дигитални атлетичари - заработуваат 1,6 милион долари седејќи зад тастатурата

Ако никогаш не сте гледале „Дота 2“, станува збор за екран полн со анимирани ликови, специјални ефекти и битки. Може да биде прилично тешко за следење.

Сепак, Клемент Иванов гледа малку поинаку. Тој го гледа секој лик како пионче во бавна стратешка игра, слична на шахот. „Можете да играте индивидуално со секој лик, но секогаш постои тој човек што го разбира својот потенцијал. Не е брза игра. Откако ќе стигнете до одредено ниво, стратегијата е поважна од реакциите“, вели Иванов.

„Дота 2“ е една од најпопуларните игри на глобално ниво во електронските спортови. Минатогодишната премиерска конкуренција, „Интернешнл“, водена од креаторот на играта, Валве, имала 92 милиона онлајн-гледачи, мнозинството од Кина. Додека се гледаа колективно над 509 милиони часа игра, 465 милиони часа доаѓаа од гледачите.

28-годишниот Иванов од Естонија е познат во професионалниот гејмерски свет како „Пупеј“, капитен на „Тим сикрет“. Според „Е-спортс“, тој заработува над 1,65 милион долари како парична награда од 93 турнири. Самиот е-спорт во 2017 година донел 1,5 милијарда долари приходи. Овие игри дури и се земаат предвид за Олимпијадата во 2024 година. Како резултат на тоа, најдобрите играчи сега се славни личности во рамките на тој свет. „Оваа работа е хоби и чудна кариера“, вели Иванов.

Професионалната кариера на Иванов и на неговиот тим почна да оди нагоре по првата победа во 2011 година. „Пред натпреварот бевме сиромашни и не правевме ништо“, вели Иванов.

Иванов е еден од среќните. Само 500 луѓе од целиот свет заработиле над 150.000 долари преку награди. Секако, спонзорствата обезбедуваат поддршка за играчи на некои игри, како „Лига на легенди“ и „Кантерстрајк“, но тие допрва треба да ги достигнат нивоата на попрофесионалните спортови.

Иванов има уште многу да направи иако е еден од најдобрите играчи во светот. Додека повеќето професионални спортисти имаат тренери кои им помагаат да ги стекнат вештините за да станат професионалци, повеќето гејмери што достигнале професионално ниво го направиле тоа без тренери.

Одговорностите на Иванов како капитен на тимот вклучуваат регрутирање на членовите, тренирање на неговите играчи за да ги усовршат своите вештини, да воспостават рамнотежа во тимот, да ја координираат стратегијата и да играат „Дота 2“. Тој е исклучително добар во ова. Неговото лидерство и водство се сметаат за едни од најдобрите во бизнисот.

Иако постојат различни патеки за да успееш како професионален гејмер, како што вели Иванов, едноставно мораш да бидеш навистина добар. „Во е-спортовите е навистина потешко да успееш. Слично е со ’Дота 2‘, зашто има мал прозорец за успех. Постојат 10 милиони играчи, а околу 50 заработуваат за добар живот. Другите се некаде на средина“, вели тој.

И кога ќе стигнеш на врвот, работата не е е завршена. Во Кина, каде што е-спортовите се прашање на национална гордост, очекувајте дека треба да се преселите во куќа за да живеете со своите соиграчи. Како што играчите ги менуваат тимовите, така ги менуваат и градовите и домовите. Од друга страна, „Тим сикрет“ живее заедно неколку недели, пред големи турнири, вежбајќи 10 до 12 часа дневно.

Иднината на професионалните играчи


Иванов не гледа многу промени што доаѓаат од влијанието на технологиите, како вештачката интелигенција и виртуелната реалност. „Повеќето работи за кои луѓето мислеле дека ќе го променат гејмерскиот свет, всушност, не го промениле“, вели Иванов.

Она што се менува е прифаќањето на патеката на кариерата и профилот на професионалниот гејмер. „Не знаеме колку далеку може да оди еден гејмер со возраста и да биде исто добар колку другите. Стигнуваме до точка каде што некои натпреварувачи се двапати постари од помладите“, вели Иванов.

Како што играчите стареат, така стареат и фановите. „Луѓето сфаќаат дека играњето е дел од нашата култура и нашата заедница. Сите 25-годишни луѓе знаат за игрите. Повеќето луѓе над 50 години не ги сфаќаат. Но, како што минува времето, постарите генерации ќе го сфатат тоа што го правиме ние“, завршува Иванов.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија