Европските институции се во потрошувачка офанзива. До европските избори има уште една година, па во Брисел и во Стразбур се чини дека одлучиле дека сега е вистински момент на Европејците да им се покаже дека Европската Унија работи за нив.
Затоа, на почетокот на оваа година европските граѓани добија збир на прописи што ќе им овозможат поголеми права на потрошувачите. Покрај тоа, Европската комисија претстави и нов пакет-закони, што го нарекува „нов договор“ за потрошувачите. Благодарение на овој нов договор, на заедничкиот европски пазар во иднина повеќе нема да може да има производи што се рекламирале како идентични, а всушност значително се разликуваат и во составот и во карактеристиките. Тоа е промената на која повеќе од една година инсистирале европратениците. Сега, производите што изгледаат идентично ќе мораат да бидат исти и во составот, односно квалитетот.
„Новиот договор“ обезбедува подобра заштита на купувачите кога купуваат преку интернет. Кога тие ги пребаруваат веб-страниците за продажба, корисниците ќе добијат јасни информации за тоа дали продавачот го платил своето место во резултатите од пребарувањето, односно платил за неговата стока да добие подобра позиција. Исто така, на купувачите ќе мора да им се даде јасно до знаење дали купуваат стока или услуга од трговците или од приватните лица и дали нивните права се заштитени ако нешто тргне наопаку.
Правата на потрошувачите при онлајн-купување предмети се донесени оваа година. Едно од тие права забранува неоправдано геоблокирање и други форми на дискриминација на пазарот врз основа на државјанство и престој. Во согласност со новите правила, корисниците ќе можат да изберат од кои веб-страници ќе сакаат да купат некој производ или услуга, а притоа да не се блокира и автоматски да не се пренасочува кон друга веб-страница. Новите правила засега нема да се применуваат на производи како е-книги или онлајн-игри.
Колку ќе трае еден кујнски апарат?
Франција размислува за воведување доброволни етикети на апарати за домаќинство кои ќе покажуваат колку треба да трае уредот. На овој начин клиентот ќе знае колку се издржливи апаратите и колку лесно можат да се поправат.
Испорака
За испораката да биде поевтина, Европскиот парламент донесе уште едно правило. Станува збор за Правилник за прекугранична испорака за кој најави елиминирање на разликите во стапките на превозот меѓу земјите-членки на ЕУ и со тоа поевтино доставување на испораката.
Од 1 април почна да се применува и Регулатива за прекугранична преносливост на услуги на интернет-содржините на единствениот европски пазар. Оваа регулатива ќе им овозможи на
Европејците кога ќе престојуваат во други земји-членки на ЕУ, да пристапат на интернет-содржина, како филмови или телевизиски серии на кои се претплатени во својата земја.