X
 26.10.2019 Живот

ЕУ ќе го напушти зимското сметање на времето во 2021. Каков е ставот на македонската Влада?

Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на директивата

Зимското сметање на времето почнува вечерва, односно утре, рано наутро. Во 3 часот по полноќ стрелките на часовникот треба да ги вратите на 2 часот по полноќ. Практиката првпат ја вовела Германија во пикот на Првата светска војна, на 30 април 1916 година. Во наредните децении многу земји полека почнале да го прифаќаат овој начин на сметање на времето, општопознато како летно и зимско сметање, и во текот на 20 век имало многу промени.

На 26 март годинава Европскиот парламент го усвои предлогот на Европската комисија оваа практика да престане во 2021 година. Каков е ставот на нашата на Влада, дали Македонија ќе го следи примерот на европските земји?

Од Владата за Факултети.мк објаснуваат дека во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на нашето национално законодавство со ЕУ-легислативата што се однесува на сметањето на времето и определување начин за транспонирање на горенаведената директива.

- Истото треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски...) и која треба да се усвои од страна на Владата на нашата земја. Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на директивата за прекинување на сезонските промени на времето и им стои на располагање на надлежните институции во поглед на исполнување на горенаведеното - велат од Владата.

Вечерва вратете ги стрелките за еден час назад / Фото: Wikipedia

Тие додаваат дека во однос на претстојната промена од летно кон зимско сметање на времето, тоа ќе биде применето на начин и постапки во согласност со важечката регулатива за законското сметање на времето.

Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд од март 2020 година. Вечерта на 28 спроти 29 март ќе почне летното сметање на времето, а стрелките на часовниците ќе се поместат за еден час напред.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот