X
 16.04.2020 Наша тема

И покрај времето за серии, игри и спиење до доцна, на средношколците им недостига училиштето

Најголема носталгија ме фаќа за секојдневната дружба со соучениците и комуникацијата со некои наставници. Колку и да мислиме понекогаш дека на училиште е напорно, сега гледаме дека тоа ни недостига, вели средношколецот Станиша Станковиќ 

Не им е лошо дома, но им недостига дружбата со пријателите на училиште. Им фалат наставниците за да им ги објаснат тешкотиите по некои предмети. Ова се дел од коментарите што ги добивме од средношколци за тоа како се снаоѓаат со онлајн-наставата периодов.

За штипјанката Соња Пилатова, кој а е матурантка во гимназијата „Славчо Стојменски“, учењето дома не е едноставно, особено што во нивното училиште не користеле класични платформи за онлајн-настава, туку повеќе електронска пошта или драјв.

- Најтешко е затоа што сме матуранти и следува полагање на матурата. Секако, ни требаат дополнителни часови со менторите, воншколски дополнителни часови за учениците што полагаат јазик или математика и во моментот не можат да ги реализираат. Тоа е единствениот проблем. Инаку, воопшто не е тешко. Се навикнуваме. Верувам дека сите ние во моментот би сакале да се наоѓаме во училишните клупи многу повеќе отколку дома. Жалам што последните месеци во мојата гимназија и немам, пред да излезам оттаму засекогаш - вели Соња. 
Таа додава дека веќе требало да почнат да се подготвуваат и за матурската вечер, за матурскиот испит.
- Всушност, овие неколку месеци ни беа преостанати за да ги поминеме заедно, да создаваме спомени за последен пат, да се забавуваме, да се радуваме на матурирањето... Но, ете, засега само верувам дека ова бргу ќе заврши и ќе успееме да имаме барем матурска прослава и да бидеме сите заедно за последен пат - вели таа.


Соња Пилатова


Како функционира наставата во оваа гимназија? Пилатова објаснува дека кај нив наставата не е со предавања преку новите апликации, туку добиваат задачи од професорите, кои им испраќале презентации, вежби, домашни задачи.

- Интересно е што веќе почна да се реализира одбраната на проектната матура, што се реализира онлајн, на видео со комисијата. Како иден студент во друга земја, приоритет ми е да го учам јазикот и да се спремам за приемните испити. Така што, времето дома го поминувам читајќи книги потребни за факултетот, во учење јазик, подготвување материјал потребен за приемниот испит на факултетот. Настрана од сето тоа, уживам гледајќи ги сериите и филмовите што сум ги пропуштила зашто сум немала време - вели таа.

Станиша Станковиќ од Кавадарци, кој учи во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, вели дека никогаш не замислувал дека училиштето ќе му недостига толку многу. Учениците, професорите, училишните обврски, материјалот за обработка и практичната настава.


Станиша Станковиќ


- Но најголема носталгија ме фаќа за секојдневната дружба со соучениците и комуникацијата со некои наставници. Колку и да мислиме понекогаш дека на училиште е напорно, сега гледаме дека ни фали. Сето она што го дава училиштето, всушност, е тоа нешто на кое ние сме социјално изградени и навикнати. Со макотрпно разбирање, ангажирање и соработка, пополека, но сигурно влегуваме во онлајн образовниот тек. Секако, не е како класичната настава на која сме сите навикнати, но сепак е метод преку кој можеме да добиеме ново знаење и едукација - вели Станиша.

Тој смета дека и учениците треба да бидат толерантни кон наставниците зашто овој начин на предавање е новина и за нив.

- Поголем дел од просветниот кадар речиси не е доволно обучен и активен во технологијата, интернетот, социјалните мрежи и сл. Што се однесува до формата и начинот на наставата, користиме разни алатки за меѓусебна комуникација, онлајн-предавања, односно часови преку интернет, прикажување и објаснување на презентации и проекти со анализа на материјалот, но и обработување на домашните задачи и план за наставната единица, со претходно зададени инструкции од самите професори - вели тој.

Медицинскиот техничар додава дека освен учење, времето периодов го користи и за неформалното образование. Тој е дел од онлајн-обука наменета за младинци. Сакам времето да ми биде исполнето, но истовремено и корисно за јавноста.

Станиша ја отвора темата и зa тоа дека немаат сите ученици можност да следат онлајн-настава. Тој се надева дека приоритет на МОН ќе биде и овој проблем со кој се соочуваат учениците, а надлежните органи треба да помогнат да се надмине оваа грижа, која придонесува за дополнителна анксиозност и стрес.


- Сепак, важно за сите нас е методот врз кој професорите и наставниците ќе нѐ тестираат и оценуваат. Дали таа оценка од онлајн-тестирањето ќе го прикаже на соодветен начин ученикот, како и целата негова активност. Со ова заокружуваме, дополнуваме и појаснуваме за тоа колку пропусти има во нашиот систем за образование. Останува по вонредната ситуација да се вратиме на нормалниот тек на наставата и да се надградуваме доколку сакаме да имаме добар пристап до образование како другите држави - завршува Станиша.


Симон Цветановски

Училиштето многу ми недостига, дружбата и атмосферата се незаменливи, вели Симон Цветановски од Скопје, кој е втора година во средното стручно училиште „Михајло Пупин“. Тој учи компјутерска техника и автоматика.


- Некои наставници ни предаваат на „Зум“, „Скајп“, некои, пак, користат Гугл драјв-материјали и ни даваат инструкции. Донекаде овој вид учење и користење на технологијата се предност. Во слободното време играм игри, а и вежбам прилично активно.
 

За гевгеличанката Анастазија Лешевска, која е втора година во гимназијата „Јосиф Јосифовски - Свештарот“, подобро е кога се оди на училиште, најмногу заради дружењето, но и затоа што учењето оди полесно кога има кој да им објасни на учениците.

- Во нашето школо реализираме онлајн-настава најчесто преку Едмодо, Фејсбук и електронска пошта. Малку ми е тешко учењето бидејќи материјалот треба да си го појаснувам сама пред да си ја завршам задачата и некогаш премногу задачи имаме за правење во краток временски период, но најчесто се снаоѓам и завршувам сѐ навреме. Времето, освен во учење, ми поминува и во гледање филмови, серии, читање - вели Анастазија.


Магдалена Станковска


Магдалена Станковска е ученичка во прва година во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје. Оваа девојка, која се занимава и со триатлон, вели дека училиштето не ѝ недостига многу оти и овој начин на учење ѝ бил убав.

- Не седиме по 6-7 часа на училиште, вака ни праќаат материјали, си ги разработуваме колку што можеме. Многу ми фали дружбата. Во нашето училиште имаме блог-страница каде што се ставаат материјали, вежби за работа, наставни листови, како и презентации за обработка. Имаме добра соработка со наставниците, доколку нешто не ни е јасно, можеме да се чуеме преку видеоповик и ни објаснуваат - вели Станковска, која признава дека тренинзите најмногу ѝ недостигаат, а во слободно време гледа филмови, прави вежби со ластици, трча, игра друштвени игри со своите родители.

Скопјанката Ивона Пислевска е трета година во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Таа раскажува дека со одредени професори реализираат настава преку проекти, презентации... Нејзе овој вид учење ѝ е полесен.

Како им е на тинејџерите што изучуваат некој спорт или учат во средно школо посветено на спортот? Ристо Костадинов е втора година во Спортската академија и признава дека му недостига училиштето, но уште повеќе тренинзите во неговиот ракометен клуб.

- Имаме онлајн-учење само по англиски на „Зум“, наставата си тече во најдобар ред како што може по интернет, но бидејќи јас го сакам англискиот, не ми е воопшто тешко, а македонски и математика ни праќаат задачи во пораки. Најтешко ми е математика бидејќи немаме објаснување, мислам дека мора математика да се одвива онлајн-настава за да ни се објасни како се решаваат задачите, инаку вака не можеме да ги решиме, а и не можеме да најдеме некого за приватни часови бидејќи сите се чуваат и им е страв од вирусот. Во слободно време одам да трчам бидејќи ми фали тренингот или играм игри на компјутерот, а со моите родители играме брза географија, табла или карти. Можеби сево ова што ни се случува е навистина лошо, но во секое лошо има и нешто добро, барем сега може да поседиме повеќе со фамилијата, за што обично немаме време - вели Ристо.


Ристо Костaдинов

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема