Сите новозапишани ученици во средното стручно училиште „Михајло Пупин”, полагаат тестови преку кои целта е да се види какви се нивните општи познавања од предметите македонски јазик, англиски јазик, математика, физика, информатика и спорт. Вакви тестови професорите по онкретните предмети професорите им ги даваат ненајавено. Резултатите се загрижувачки, посебно по предметите македонски и по англиски јазик како и по информатика.
Ваквата практика со полагање ненајавени влезни тестови кои содржат главно лесни прашања кои се очекува учениците да ги одговорат без некој проблем, ја нема во секое училиште, бидејќи не е задолжителна. Сепак, резултатите се веродотоен показател за постигањата и знаењата што ги стекнале учениците од претходното ниво на образование.
Поголемо внимание на „проблематичните" предмети
Директорот на училиштето Ефтим Пејовски вели дека вакво интерно тестирање се практикува од 2012 година наваму, а целта е онаму каде што ќе се види дека учениците покажуваат слаби резултати, да се обрне поголемо внимание токму на тие теми во текот на наставата.
- Овие тестирања ги реализираме после секој први септември. Годинава тестирани беа вкупно 130 ученици во прва година. Во мерната техника, има нешто што се вика калибрација на инструментите. Така и ние, со цел да ја реализираме успешно наставната програма на ниво прилагодено на нивните можности, ова е начинот на кој се базираме при планирањето на наставата. Ако ги споредиме бројките од секоја година, сфаќаме дека учениците тешко се откажуваат од стекнатите навики. Нашите очекувања не се дека преку ноќ ќе се сменат работите на подобро - вели директорот Пејовски.
Благо подобрување по математика и по физика
Во 2012 година, познавањата по математика биле оценети со просечна оценка 1,48, а годинава има благо подобрување – 1,58. Мало подобрување во веќе стекнатите знаења од основното образование има и по предметот физика - 1,27 во 2012-та година и 1,61 оваа учебна година. Ако се мерат знаењата по информатика, англиски јазик, македонски јазик и спорт, ќе се види дека ова училиште запишува се` послаби генерации. Така, ако пред три години просечната оценка по македонски јазик била 2,50, сега таа е 1,45. По информатика оценката била 3,27, а од последното тестирање таа е 2,81.
Пејовски води евиденција за успехот и постигањата на учениците и коментира дека во училиштето се запишуваат се` послаби и послаби ученици.
- Како тоа да се спречи? Многу е очигледно дека треба да се истражи каде е проблемот, како и сериозно да се увиди каде се прават пропусти во основното образование – смета тој.
Aко се споредат пак, овие оценки со крајните оценки што ги добиваат учениците, тогаш по сите предмети се забележува подобрување. Така, ако вои почетокот на учебната година знаењата по македонски јазик биле 2,50, на крајот на годината се 3,12. По физика на почетокот просечната оценка е 1,27, а на крајот на учебната година е 2,73.
Во ова средно стручно училиште, има неколку образовни профили: компјутерска техника и автоматика, електроника и телекомуникации, енергетика, како и електромеханика и електроинсталатер и монтер.
Автор: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk