X
 16.04.2021 Наша тема

И да сакаме, не можеме да бидеме полицајци, велат професорите. Во кои случаи се запишуваат изостаноци во онлајн-наставата?

Дали преспиениот час значи неоправдан или професорите имаат разбирање за учениците и им прогледуваат низ прсти? Има ли проблем со дисциплината кога станува збор за онлајн-наставата?

Наставникот го прозива ученикот, па наидува на молк. На мониторот стои дека ученикот е присутен на часот, но, сепак, не одговара на повикот. Вклучен е, а го преспива првиот час. „Извинете, имав проблем со микрофонот“, „Имав проблем со конекцијата, па затоа ме немаше“... ова се оправдувањата на учениците во наведените ситуации, кои буквално се секојдневие на наставниците и професорите во училиштата за средно образование во земјава. Кога наставата се одвива од дома, потешко е да се има увид и контрола над нештата.
Дали ваквото однесување се толерира? Дали преспиениот час значи неоправдан или професорите имаат разбирање за учениците и им прогледуваат низ прсти? Има ли проблем со дисциплината кога станува збор за онлајн-наставата? За ова поразговаравме со неколкумина професори и наставници во основни и во средни училишта, кои за Факултети.мк споделуваат колку е честа оваа појава на нивните часови.



И да сакаме, не можеме да бидеме дежурни полицајци

Александар Алексовски, професор по биологија во средното стручно училиште „Марија Кири-Склодовска“, вели дека ситуацијата е таква што професорите не се во можност да бидат дежурни полицајци. Од друга страна, тој вели дека со онлајн-наставата професорите се на теренот на учениците и токму поради тоа глумењето строгост не поминува.
- Ние треба да сме памукот кој треба да го прими ударот од децата. Тие мора некаде да искажат страв, гнев, лутина поради целата ситуација, па затоа покажуваме разбирање. Има наставници кои пред секој час прозиваат по ред и водат забелешки за присуство, но тоа одзема време, се чека по десетина секунди додека ученикот го вклучи микрофонот, па да одговори дека е тука. Ако се прави така со триесетина ученици, ќе помине часот во прозивање. Секогаш постои можност ученикот да каже „Тука сум“ и да продолжи да си гледа филм, на пример. Може да каже: „Не ми работи камерата“. Ние не смееме да ги натераме да вклучат камера бидејќи не знаеме во каква ситуација се дома. Се слушаат луѓе во заднина, викаат браќа, сестри, си играат. Не смееме да инсистираме на камера. На сè мораме да внимаваме ние, професорите - вели Алексовски.


Александар Алексовски

Тој го започнува часот со неформален разговор, ги прашува како се, како им оди, а си кажуваат и понекоја шега.

- Реално ние сме на работа и пред часот, и за време на часот, и по часот. Ние не сме 35 минути на час. Се случува ученик да не се вклучи на час или да не стигнал да одговори, па ќе ми пише по часот, па комуницираме. И сето тоа време е час. Меѓу децата има и такви што не доаѓаат, што не се вклучуваат. Нив ги организираме во мали групи и ги викаме во училиште. Мора да ги исконтактираме. Има секакви ситуации, има деца што ни кажуваат дека немаат компјутер, имаат браќа, сестри кои мораат да го користат домашниот компјутер, има деца што немаат смарт телефон и ние како професори за сето тоа мора да покажеме разбирање - вели Алексовски.
Во поглед на дисциплината, тој вели дека нема проблем. Најважно, според него, е да има дискусии на часовите, да има интеракција бидејќи само таква наставата е солидна и продуктивна.

Различни табиети

М-р Тања Стреоска-Урумовска, одделенска наставничка во Основното училиште „Вера Јоциќ“, вели дека во почетокот, минатата учебна година, имало исклучување на микрофони, исфрлање од часови, многу нередовни ученици, сè додека не се приспособиле сите на новонастанатата ситуација.

- Јас имам многу мешана паралелка, со сите видови табиети и карактери на ученици, имам и аутистичен ученик, но, сепак, успеав да ги доведам до степен на огромна заемна прифатеност, другарство и слога, социјализација која за мене е побитна од секое образование. Но тоа некогаш не ми оди во прилог, ете на пример за редовноста и присуствата на онлајн-наставата. Иако ваквиот вид настава е можност за поголема редовност, кај мене редовноста на учениците е иста како и кога се в клупа. Тие што се редовни и точни на часовите, стандардно се навремено вклучени и чекаат да започне часот. Тие што доцнеа на часови кога одевме на училиште, и сега доцнат или се вклучуваат, па не се присутни - вели Стреоска-Урумовска.


М-р Тања Стреоска-Урумовска

Неколку „феномени“

Како што вели таа, има неколку „феномени“ кои навистина необјасниво се измениле во оваа учебна година.
- Еден ученик, кој кога сме со физичко присуство нема ниту еден ден отсуство, сега не се вклучува, ниту пак дома можат да го натераат да се вклучува редовно. Јас пробав на секој можен начин да го активирам, преку разговор со него, со родител, педагогот разговараше со родителот, го повикува и ученикот, но тој никако не доаѓа. Едно време редовно го запишував, но и тоа не е некоја мерка. Нема начин како да постапиш затоа што ученикот знае дека нема да може да не биде оценет, нема повторување година до шесто одделение и тука ни се врзани рацете нам, на наставниците - вели наставничката.

Таа објаснува дека нема мерки во ваквите случаи.

- Јас постојано им објаснувам на другите деца дека кога наставата ќе биде со физичко присуство, тој ученик ќе биде на голема мака оти ќе заостане многу зад другите. Многу е фрустрирачки кога некој цело време се труди, на  каков било начин, а некој воопшто не се потрудил и сепак ќе ја поминат годината, двајцата ќе имаат исто право да преминат во следното одделение - вели Стреоска-Урумовска.

Има родители што ги прикриваат учениците

Првите два месеца од почетокот на учебнава година, Стреоска -Урумовска вели дека дала период за адаптација и не запишувала изостаноци, но сега строго ги запишува.

- Ако се приклучи со многу задоцнување, го запишувам цел ден и му давам избор да се исклучи ако сака. Сепак, на периоди попуштам, оти некогаш тоа ги мотивира да се вратат повторно на часови. Не запишувам ученик ако е оправдан од родителот, но тука и родителите понекогаш претеруваат, но сепак родител си е и нека си одлучи што е најдобро за неговото дете. Имам ситуации кога родителот/старателот го прикрива ученикот. Го пријавува кога сме прва смена, а кога ќе го повикам да одговори на прашање, го исклучува за потоа пак да го вклучи на часот и демек не им чини интернетот. Јас ги запишувам ваквите случаи во тефтер како да не сакал да одговори на прашање, односно ставам минус и кажувам пред сите деца. Таа тактика најмногу ги смирува децата. Имам ученик кој се вклучува на втор, трет час и се исклучува час-два пред да завршиме. Родителите знаат дека е вклучен, а тој се вклучува само кратко. Сепак, со помош на родителите, пишува домашни и имам шанси да го испрашам на некои часови - додава наставничката.

Таа потенцира дека сето ова најмногу зависи од авторитетот на родителите.

- Родителите ако им прогледуваат низ прсти за што и да е, учениците секако дека го злоупотребуваат тоа, таква е природата на децата, да се разгалуваат - нагласува наставничката.

„Во однос на дисциплината, мртва тишина е“

Во „Васил Антевски Дрен“ отсутни се и оние ученици што нема да се јават на прозивката на професорот. Професорката по македонски јазик и литература Соња Енџекова-Сопотска потсетува дека во средното образование изостаноците ги регулира класниот раководител, а професорите ги запишуваат доколку не се присутни.


Соња Енџекова-Сопотска

- Исто така, доколку не се јави ученикот кога го прозиваме, го запишуваме како отсутен. Во однос на дисциплината, во средните училишта е мртва тишина, ретко кој од учениците влегува во дискусија, се работи само со три-четири ученици, а немирните се најчесто исклучени, односно отсутни. Во однос на чувствата и емоциите, кај учениците може да се забележи една рамнодушност и летаргија, се гледа дека им е потребна социјализација - вели професорката.

Насловна фотографија: Фрипик
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема