X
 16.04.2022 Технологија

Вештачка интелигенција може да ја одложи вашата смрт за 10 години. Како функционира?

Срцевите болести остануваат убиец број еден во светот. До 20 отсто од луѓето ќе умрат од ненадејна срцева смрт (СЦД). СЦД не е срцев удар, кој се случува кога артериите се блокирани, туку проблем што го спречува правилното чукање на срцето.

СЦД може да удри од никаде. Но, новата вештачка интелигенција развиена од професорката Наталија Трајанова од „Џонс Хопкинс“ може да забележи СЦД многу порано пред да се случи. Всушност, една деценија порано.

Како што објаснува Трајанова, алатките за предвидување, како оваа вештачка интелигенција, можат да го променат начинот на кој лекарите ги третираат своите пациенти. И на крајот, тие ќе помогнат да се спречат смртни случаи што луѓето не можеле да ги предвидат порано.

Доколку денес имате предиспозиции за СЦД, лекарите ќе го третираат тоа со вградување дефибрилатор. Главниот начин за да се утврди тоа е со гледање на целокупниот проток на крв надвор од коморите на срцето по отчукување, познато како ејекциона фракција. Ако имате ејекциона фракција, да речеме 50 отсто, тоа значи дека само 50 отсто од крвта во исполнетата комора се испумпува со секое отчукување.

Со оглед на тоа што 20 отсто од луѓето и понатаму умираат од СЦД, очигледно се пропуштаат многу кандидати за дефибрилатори.

Лабораторијата на Трајанова ја изградила вештачката интелигенција за да ги затвори сите големи прогностички празнини во СЦД. За да го конструира системот, нејзиниот тим тренирал машина со 10-годишната евиденција на 156 пациенти со срцеви заболувања кои се согласиле да ги споделат своите медицински информации. Тие споделиле сè во записите, од магнетна резонанса на нивните срца до 22 други потенцијално релевантни информации, вклучувајќи раса, тежина, употреба на дрога и хипертензија.

Со внесување на сите скенови од магнетна резонанса во систем за машинско учење, истражувачите можеле да забележат скриени обрасци, на пример, ткивото на лузната и други компоненти на нечие срце им даваат предиспозиции за СЦД. Откако го изградиле софтверот, истражувачите ја потврдиле нивната алатка во однос на податоците за пациентите од 60 здравствени центри низ САД. Вештачката интелигенција ги надминала лекарските дијагнози.

Моделот со вештачка интелигенција на Трајанова може да понуди персонализирана процена за постоење на СЦД во која било дадена година во временска рамка од 10 години. Тоа му овозможува на лекарот да разговара со својот пациент за следните чекори.

Идеално, оваа вештачка интелигенција би била директно поврзана со платформите за здравствена евиденција за пациентите за секој лекар да може да пристапи до нив во секое време.

- Постојат многу опции да се оди напред со вештачката интелигенција, но тоа не може да го направи еден истражувач. Потребно е да биде прифатено од медицинската заедница - вели Трајанова.

Извор: Fast Company
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија