X
 16.05.2018 Образование

Да ги мотивираме најдобрите ученици да станат наставници

Идните наставници во текот на своите студиски програми се стекнуваат само со дел од неопходните основни професионални знаења и вештини предвидени со нормативите

- Презедовме мерки со кои првична цел ни беше да ги мотивираме наставниците кои работат. Но, истовремено да ги стимулираме средношколците кои завршуваат со најдобар успех да се запишуваат на факултетите кои продуцираат наставници. Но, за да се привлечат најдобрите ученици да станат наставници прво треба да изградите професија наставник како достоинствена професија и ние работиме на тоа – рече вчера министерската за образование и наука Рената Дескоска на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците“ што ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамки на програмата за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Фондацијата.

Идните наставници во текот на своите студиски програми се стекнуваат само со дел од неопходните основни професионални знаења и вештини предвидени со нормативите. Затоа се неопходни дополнителни образовни реформи со кои би се подобриле професионалните компетенции на наставниците во земјава, но тие нема да дадат соодветен ефект доколку државата не ги вклучи и наставниците во процесот на планирање и подготвување на тие реформи.
Ова се дел од заклучоците кои беа истакнати на конференцијата. Беше презентирано и истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици“ чии автори се пет универзитетски професори. Споменка Лазаревска, програмска директорка во ФООМ на отворањето на конференцијата ги истакна програмите и реформите во образованието кои Фондацијата ги поддржала во изминатите 25 години.



Меѓу бројните активности Лазаревска ги спомена реформата на средното стручно образование, воведување на концептот за матурски испит, поддршката за првото учество на Македонија во ПИСА истражувањето, првата евалуација на високообразовните институции, изготвувањето на Националната програма за развој на образованието 2005-2015 година, која е првиот, а до скоро и единствениот стратешки документ за образованието изготвен со широко учество на сите засегнати страни, а усвоен од Владата и од Собранието на Македонија. Понатаму програмата за поддршка на образованието на Ромите во која поддршка добија над 1.000 млади Роми, средношколци и студенти за да го завршат своето образование, но и опремување и реновирање на над 850 занимални во детските градинки низ земјава, како и различна поддршка за основните и средните училишта и факултетите во Македонија.

Презентираните сознанија од обемното истражување за образованието на наставниците во основното образование покажуваат дека студиските програми кои подготвуваат наставници за во основните училишта не одговараат со законски утврдените стандарди, што влијае врз нивната оспособеност да одговорат на образовните, социјалните и економските предизвици на нивната професија. За да се надмине ваквата состојба, авторите на истражувањето, меѓу другото, потенцираат дека е неопходно да се изгради државна стратегија за мотивирање на кандидатите за влез на наставничките факултети, како и да се развие систем за кариерен и професионален развој на наставниците.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование