Народната банка на Република Македонија првпат воведува полимерни банкноти со апоенска вредност од 10 и 50 денари.
Банкнотите влегуваат во оптек денеска. Основната разлика меѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност што се повлекуваат од оптек е нивниот материјал - хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.
Поради тоа, од НБРМ наведуваат дека е направено соодветно приспособување на основниот дизајн на банкнотите, па наместо водениот печат што го содржат книжните банкноти, полимерните ќе имаат транспарентен прозорец каде што се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Кај апоенот од 10 денари е стилизиран цртеж од паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.
Заштитниот конец кај полимерните банкноти е испрекината линија со текст НБРМ. Како заштитен знак, полимерните банкноти ќе содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.
За лицата со оштетен вид ќе има ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различни апоени.
Важно е да знаете дека од денеска книжните банкноти со истата апоенска вредност престануваат да бидат законско средство за плаќање. Оние што ќе имаат книжни банкноти со иста апоенска вредност по пуштањето во употреба на полимерните банкноти, ќе можат бесплатно да ги заменат до 15 мај наредната година во сите комерцијални банки. Потоа, замена ќе врши само Народната банка.
Во продолжение погледнете ги македонските денари низ годините.