Еден отсто од глобалното население поседува повеќе богатство од најсиромашните 95 отсто заедно, покажува редовниот извештај на „Оксфам“, една од водечките светски агенции за помош.
Милијардерите контролираат повеќе од третина од најголемите корпорации
„Оксфам“ предупредува дека овие нееднаквости ги загрозуваат мултилатералните напори во борбата против глобалните предизвици, како што се климатската криза, сиромаштијата и нееднаквоста.
Милијардерите сега контролираат или се главни акционери на повеќе од една третина од најголемите корпорации во светот, со комбинирана пазарна вредност од огромни 13,3 билиони долари.
„Оксфам“ нагласува дека глобалните правила се обликуваат според интересите на ултрабогатите, што сериозно ги поткопува напорите за постигнување еднаквост. Ултрабогатите, со помош на монополски корпорации, обликуваат глобални политички одлуки кои поттикнуваат натамошно збогатување на мал број луѓе.
Така, 1 отсто од светското население поседува 43 отсто од вкупните глобални финансиски средства, додека само две корпорации контролираат 40 отсто од глобалниот пазар на семиња.
Фармацевтските џинови одбиле да ја споделуваат технологијата за време на ковид-пандемијата
Извештајот на „Оксфам“ наведува примери за тоа како моќните корпорации ги поткопале клучните мултилатерални напори насочени кон намалување на нееднаквоста. За време на пандемијата, фармацевтските корпорации остварија огромни профити одржувајќи го монополот на технологиите за вакцина против ковид-19.
И покрај повиците за споделување технологија, монополските контроли придонесоа за зголемена смртност во посиромашните земји.
Извештајот на „Оксфам“ се базира на податоци од најголемата швајцарска банка УБС и открива длабока економска нееднаквост што им овозможува на ултрабогатите и големите корпорации да доминираат во глобалната економија и политичките процеси.
Фото: Freepik