X
 16.05.2019 Економија

Богата земја во која синдикатите бараат кревање на старосната граница за пензионирање

Во една од најбогатите и најпросперитетни земји во светот синдикатите тврдат дека е неизбежно кревањето на границата за заминување во пензија.

Лидерот на „Работници Швајцарија“ (Angestellte Schweiz), синдикална групација која ги претставува работниците од водечките швајцарски извозни гранки, изјави дека кревањето на старосната граница за пензионирање е неизбежно затоа што државниот пензиски фонд е под големи финансиски притисоци.

- Мораме повторно да размислиме за пензионирањето. Потребна ни е пофлексибилна старосна граница за одење во пензија бидејќи на идните генерации мораме да им препуштиме систем за пензиско осигурување во добра состојба - истакнува Штефан Штудер.

Моменталната возраст за пензионирање во Швајцарија е 65 години за мажи и 64 години за жени. Меѓутоа, 6 од 10 вработени престануваат да работат пред наведените години, а Штудер предупредува дека првиот степен од пензискиот систем е во критична состојба.

Како што вели тој, дури и кога системот за старосна пензија би добил две милијарди швајцарски франци поддршка, колку што е ветено ако иницијативата за реформа на данокот на добивка и пензиската реформа бидат одобрени на 19 мај, сојузната влада предвидува дека до 2045 година ќе се акумулира дефицит од 170 милијарди франци.

Тоа ќе се случи доколку не се направат понатамошни реформи.

Штудер смета дека мора да се напушти стариот начин на размислување за да се обезбеди одржливо реструктурирање.

- Доколку вработените се ценат, многумина ќе бидат подготвени да работат подолго, со помалку оптоварувања - рече тој.

Штудер додава дека сепак постојат одредени професии кои бараат физичка активност и во кои луѓето не можат да работат до 65-тата година. Според тоа, важно е на луѓето да им се понуди пофлексибилна старосна граница за пензионирање, смета Штудер.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија