Германскиот град Бизинген ам Хохрајн, или Бизинген на Горна Рајна, многу наликува на швајцарско место. Тоа е така затоа што малиот град кој се наоѓа на реката Рајна целосно е обиколен од Швајцарија, односно претставува германска енклава во Швајцарија.
Како и многу други енклави, градот примил многу обичаи и навики од „земјата-домаќин“. Граѓаните зборуваат швајцарски и претпочитаат користење на швајцарски франци наместо евра. До доцните 80-ти години Бизинген не ја прифаќал германската марка. Дури и во поштата се примаат само франци, иако се користат германски маркици.
Децата одат во германско училиште, но многу средношколци учат преку границата. Многу граѓани на Бизинген работат во Швајцарија во градовите во близина и добиваат плата во франци, што може да го објасни трендот на користење на валутата. Дури и електричната енергија во градот доаѓа од Швајцарија. Но, граѓаните ѝ плаќаат данок на Германија бидејќи технички се граѓани на Германија.
Во градот,
жителите може да одберат меѓу два различни поштенски броја, а телекомуникациските агенции од двете земји се натпреваруваат за да добијат корисници во градот, како и осигурителните компании од двете земји. Во градот има и полиција од двете земји. Криминалец фатен во Бизинген може да биде осуден во Германија или во Швајцарија, во зависност од полицијата што го уапсила.
Како градот се нашол во оваа позиција? Сè започнало со семејна расправија во 1693. Во тоа време Бизинген бил под контрола на австрискиот господар Еберхард Им Турн. Тој бил дел од протестантско семејство, но по расправија со свештеникот во градот бил обвинет дека е католик. Набрзо негови роднини го киднапирале и го предале на швајцарските власти.
Еберхард поминал 6 години во зандана пред да се врати во Бизинген, физички и ментално оштетен. По враќањето станал католик. Киднапирањето и затворањето на Еберхард речиси предизвикало војна помеѓу Австрија и Швајцарија. По неколку децении Австрија му продала земја на Цирих, но го задржала градот само за да ја казни Швајцарија за затворањето на Еберхард. Подоцна Германија го освоила овој дел од Австриската Империја и градот станал германска територија.
Фото: Wikipedia
Граѓаните на Бизинген во 1918 одржале референдум за да одлучат на која држава сакаат да ѝ припаѓаат и дури 96% ја одбрале Швајцарија. Сепак, Германија одбила да го предаде градот бидејќи Швајцарија не можела да ѝ понуди на Германија територија како надомест.
Во 1967, Бизинген влегол во царинска унија со Швајцарија и со тоа станал единствената германска територија што не е дел од Европската Унија. Ова го направило градот даночен рај. Кога граѓаните купуваат стоки во ЕУ и ги извезуваат во Бизинген, тие може да бараат поврат на данокот. Производите купени во Бизинген се оданочуваат со швајцарски данок, кој е помал од германскиот.
Освен тоа, граѓаните на Бизинген не плаќаат данок на имот. Пензионерите плаќаат мал данок за пензиите или воопшто не плаќаат данок и затоа многу Швајцарци се пензионираат во Бизинген.
Кога станува збор за граѓаните на Бизинген, повеќето од нив се сметаат за Швајцарци.
Автор: Кошник Патовари
Извор:
amusingplanet.com