16.05.2026
Живот
Подетални проверки за визи за САД: што се менува во 2026 година?
Сите што планираат да патуваат во Соединетите Американски Држави наскоро би можеле да се соочат со дополнителни проверки при аплицирањето за виза. Според најновите информации од американски и меѓународни извори, американските власти сè почесто бараат увид во профилите на социјалните мрежи на апликантите.
Оваа практика не е целосно нова, но во 2026 година проверките се прошируваат и стануваат подетални. САД уште од 2019 година бараат дел од апликантите да наведуваат профили од социјални мрежи, но сега новите мерки опфаќаат повеќе категории визи и подлабока анализа на онлајн активноста.
Што е ново во 2026 година?
- проверките се прошируваат на повеќе категории визи,
- во дел случаи се бара профилите да бидат јавни („public“) за време на процесот,
- се врши подетален „online presence review“,
- поголем фокус се става на безбедносен ризик и политички или екстремистички содржини.
При аплицирањето за одредени типови визи, кандидатите може да треба да ги наведат своите профили на платформи како Facebook, Instagram, TikTok, X (Twitter), YouTube и LinkedIn.
Целта на ваквите проверки, според американските власти, е дополнително да се утврди идентитетот на апликантите и да се направи безбедносна проценка пред издавање виза.
Овие промени се поврзуваат со засилените имиграциски политики и безбедносни проверки воведени по извршните наредби на администрацијата на Доналд Трамп.
Експертите предупредуваат дека содржините објавени на социјалните мрежи можат да влијаат врз одлуката за добивање виза, особено ако содржат заканувачки пораки, говор на омраза, промовирање насилство или сомнителни активности.
Патниците кои планираат студирање, работа или туристичка посета на САД се советуваат внимателно да проверат какви информации и содржини имаат јавно објавено на интернет.