Министерството за економија соопшти дека заклучно со денешниот ден се затвора јавниот повик за издавање потврда-ваучер за користење средства за организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-износот од 30.000 денари. Јавниот повик беше објавен на 8 јуни и со краен рок за аплицирање 30 јуни.
Од Министерството истакнуваат дека за една недела од објавувањето на јавниот повик во архивата на Министерството за економија пристигнале над 2.600 апликации.
- Оваа мерка е во рамките на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерството за економија. Според јавниот повик, оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери - истакнаа од Министерството за економија.