X
 16.06.2024 Наука

Научници открија вирус што го елиминира ракот - студијата е спроведена на глувци

Научниците од „Нортњестерн медисин“ (непрофитен здравствен систем) открија дека атенуиран (ослабен) вирус може да помогне да се елиминира ракот кај глувците. Покрај тоа, глувците што биле третирани со овој вирус биле поотпорни на развој на тумори подоцна во животот.

Атенуираниот вирус - вирус на лимфоцитен хориоменингитис (LCMV) - дејствува и е безбеден дури и кај имуносупримирани глувци. Тоа е клучно откритие бидејќи многу пациенти со рак кои се подложени на хемотерапија и други третмани за рак имаат потиснат имунолошки систем.

- Важен аспект за оваа терапија базирана на вируси е тоа што покажува безбедност и ефикасност дури и кај имуносупримиран домаќин. Глувците што беа лишени од нивните Т-клетки убијци и нивните Б-клетки, сепак, реагираа на оваа терапија - вели авторот на студијата Пабло Пеналоза-Макмастер од Медицинскиот факултет „Фајнберг.

Научниците покажале во повеќе модели на тумори, вклучувајќи меланом и рак на дебелото црево - дека инјектирањето на овој вирус кај глувците го намалува туморот и ја зголемува стапката на преживувањето.

- Вирусот предизвикува висок имунолошки одговор, но може да предизвика болест кај пациенти со трансплантација. Со молекуларната биологија, сепак, можно е да се ослабне овој вирус за употреба како безбедна терапија, а да биде имуноген. Другата предност е што се чини дека истата терапија со вирусот може да се користи за различни видови рак - истакна Пеналоза-Макмастер.

Следниот чекор во ова истражување е да се тестира пристапот на кучиња со сарком. Ако и кучињата покажат подобрување, научниците се надеваат дека ќе започнат клиничко испитување користејќи ја терапијата кај луѓе.

Како вирусот лекува рак?

Туморите се вешти во избегнувањето на имунолошкиот одговор преку развивање стратегии за одржување на имунолошкиот систем подалеку од туморот. Инјектирањето на вирусот во туморот го предупредува имунолошкиот систем дека има натрапник.

Имуносупримираните глувци немале Т-клетки, Б-клетки или макрофаги (клучни имунолошки клетки). И покрај отсуството на овие клучни имунолошки клетки, вирусот успеал да активира алтернативни имунолошки патишта за борба против ракот. Еден начин на кој го направил тоа е преку интерферони - молекули кои сигнализираат присуство на натрапник и помагаат да се соберат одбранбените механизми на телото.

Извор: medicalxpress.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука