04.02.2021
Здравје
Во Македонија жените умираат од причини кои можат навреме да се спречат ако се спроведуваат програмите за скрининг на рак на грло на матка и на дојка, велат од ЕСЕ
Иако постојат програми за скрининг (рано откривање) на ракот на грлото на матката и на ракот на дојката, податоците од нивното спроведување покажуваат дека реално во Македонија нема сеопфатен и организиран скрининг за овие малигни заболувања, реагираат од здружението ЕСЕ на денешниот Светски ден за борба против карцином.
- Со средствата што Министерството за здравство ги одвојува за програмата за скрининг на рак на грло на матка се предвидува опфат на само околу 30% од жените од целната возрасна група (жени од 24 до 60 години). Дополнително на тоа, Министерството за здравство во 2019 година го намали буџетот за оваа програма за 2,8 милиона денари. Воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60% од жените имаат избрано матичен гинеколог. Така само 28% од жените се опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година). Состојбата е далеку понеповолна помеѓу жените Ромки бидејќи само 9,5% од нив се опфатени со оваа програма во периодот од 2012 до 2018 година - велат од ЕСЕ.
Поразителна е состојбата, велат оттаму, и по однос на програмата за скрининг на рак на дојката, преку која во 2019 година биле опфатени само 0,7% од жените на возраст од 50 до 69 години. Поразителна е состојбата помеѓу жените Ромки бидејќи само четири од 270 анкетирани жени Ромки од Шуто Оризари биле поканети на преглед на дојки за цели четири години (од 2015 до 2019 година).
Програмите за скрининг на ракот на грлото на матката и на ракот на дојката се од особено значење за здравјето на жените бидејќи навременото откривање на овие карциноми овозможува навремено и соодветно лекување. За споредба, во европските држави опфатот на жените со овие програми е над 75%.
- Поради тоа, Министерството за здравство треба веднаш да ги зголеми финансиските средства за овие програми, меѓутоа, и да ги овозможи сите услови и да обезбеди соодветна координација за доследно спроведување на овие програми - додаваат од здружението.
Секоја година на 4 февруари се одбележува Светскиот ден за борба против карцином. Мотото на кампањата за 2021 година е „Заедно, секоја наша акција е важна“. Целта на Светскиот ден за борба против карцином е да изврши притисок врз владите и поединците во целиот свет да преземат акции против оваа болест, со цел да се постигне свет без карциноми.