X
 24.10.2024 Здравје

Постот како пат до долговечноста: Нова студија го открива методот 5:2

Една нова студија објавена во списанието „Нејчр“ сугерира дека типот на диета со повремен пост, слична на онаа што ја популаризирал д-р Мајкл Мозли, може да помогне да се продолжи животот до 12 проценти. Истражувањата покажуваат дека она што го јадеме, но и колку јадеме, игра клучна улога во нашето здравје и долговечност.

Во експериментот спроведен на глувци, диетата која вклучувала нормално јадење пет дена и пост од два последователни дена, се покажала дека има значителни придобивки за продолжување на животот. Овој метод на диета е познат како диета 5:2, која препорачува консумирање до 800 калории во деновите на постот.

Во студијата учествувале 937 глувци и биле поделени во пет различни групи на храна. Едната група имала неограничен пристап до храна, додека другите две биле предмет на ограничување на калориите (60 и 80 проценти од основните калории). Двете преостанати групи практикувале повремен пост и постеле еден или два последователни дена без храна. Во текот на истражувањето, глувците биле редовно следени за нивното здравје и биле направени тестови на крвта.

Резултатите покажале дека и калориското ограничување и наизменичното постење го продолжуваат животниот век на глувците, при што ефектите се пропорционални на степенот на ограничување. Глувците на кои им биле ограничени 40 проценти од калориите, живееле околу девет месеци подолго од оние со неограничен внес на храна, што е еквивалентно на продолжување на човечкиот животен век за повеќе од десет години.

Дополнително, глувците кои постеле еден или два дена неделно, исто така, имале значително зголемување на животниот век, при што оние кои постеле два дена живееле подолго од оние кои постеле само еден ден, и покрај тоа што консумирале речиси иста количина на храна како и нивните врсници кои немале ограничување во хранењето.

Еден од водачите на студијата, Гери Черчил од лабораторијата „Џексон“ во Мејн, ја нагласува важноста на издржливоста:

-Нашата студија укажува на важноста на издржливоста. Најробусните организми ја одржуваат својата тежина дури и под стрес и калориско ограничување, а тие се оние кои живеат најдолго - рекол тој, додавајќи дека умереното калориско ограничување може да биде најдобриот начин за балансирање на долгорочното здравје и животниот век.

Сепак, истражувањето укажува и на потенцијалните негативни страни на екстремното ограничување во исхраната. Глувците на 40 процентно калориско ограничување, иако живееле најдолго, доживеале значително губење на мускулната маса и промени во имунолошкиот систем, што може да ги направи поподложни на инфекции.

-Додека ограничувањето на калориите е генерално добро за животниот век, нашите податоци покажуваат дека губењето на тежината поради калориското ограничување всушност може да биде лошо за животниот век - додал професорот Черчил.

На веб-страницата на Мајкл Мозли се вели:

-Новиот 5:2 метод е многу ефикасен за периодично постење, овозможувајќи губење на тежината и зајакнување на здравјето на мозокот и телото. Некои луѓе ја започнуваат многу рестриктивната диета „Фаст 800“ доколку имаат значителна тежина за губење, додека други го избираат новиот 5:2 метод за постепено губење на тежината или општо подобрување на здравјето.

Кога се следи новата диета 5:2, се препорачуваат два дена во неделата како „денови на пост“ со внес од 800 калории, додека остатокот од неделата следи здрава медитеранска исхрана без ограничувања, само со разумни порции. Овие наоди секако поттикнуваат размислување за нашите навики во исхраната и нивното влијание врз долговечноста.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје