Земјата постојано се менува. Тектонските плочи секоја година се поместуваат за неколку сантиметри, иако не сме свесни за тоа до моментот кога ќе се случи земјотрес.
Распоредот на континентите какви што ги познаваме денес почнал да се создава пред околу 180 милиони години, кога почнал да се распаѓа суперконтинентот што денес се нарекува Пангеа.
Научниците се уверени дека и во иднина ќе дојде до создавање на нов суперконтинент и повторно распаѓање на нови континенти. Секако, тоа нема да дојде во нашиот животен век. Научниците проценуваат дека за создавањето на нов суперконтинент ќе бидат потребни околу 200 до 250 милиони години. Но, интересно е да се види нивното предвидување како ќе изгледа овој континент, односно што ќе се случи со постојните континенти.
Тие нудат четири фундаментални сценарија за создавањето на наредниот суперконтинент: Новопангеа, Пангеа Ултима, Аурика и Амасиа.
Новопангеа би била спротивна на Пангеа. Американскиот континент би се судрил со Антарктикот и би се споил со Африка и Евроазија. Тогаш би се формирал суперконтинентот и би бил наречен Новопангеа. Ова сценарио има најголема веројатност да се случи.
Друг суперконтинент што би се создал е Пангеа Ултима, суперконтинент што би бил создаден кога Атлантскиот Океан би се затворил во иднина. Двата мали лакови на субдукција во Атлантикот потенцијално би можеле да се рашират низ источните брегови на Америка, доведувајќи до реформирање на Пангеа како што Америка, Европа и Африка ќе се вратат заедно во еден суперконтинент наречен Пангеа Ултима. Овој нов суперконтинент ќе биде опкружен од Тихиот Океан.
Ако Атлантикот создаде нови зони, нешто што можеби веќе се случува, Тихиот и Атлантскиот Океан би се затвориле. Со тоа, Аурика подразбира создавање на целосно нов океански базен. Азискиот континент би се преполовил, а во средината на новиот континент би била Австралија, како што источниот дел на Азија и Америка би го затвориле Тихиот Океан, додека Европа и Африка би се споиле и би ѝ се приближиле на Америка, па така би го затвориле Атлантскиот Океан.
Амасиа предвидува сосема различен развој на случувањата. Постојните континенти би тргнале кон север, вклучувајќи ги Африка и Австралија. Ова значи дека континентите, освен Антарктикот, би оделе северно и би создале суперконтинент на Северниот Пол на Земјата.
Како и да изгледа Земјата во иднина, новиот распоред на
континенти повлекува интересни прашања. На пример, каква клима ќе има на новата Земја? Дали животот ќе опстане при толку големи тектонски промени и како ќе се приспособи? И најважно, дали човечкиот род ќе го доживее создавањето на нов суперконтинент?