X
 16.08.2018 Култура

Бурниот живот на кралицата на криминалните романи - Агата Кристи

Агата Кристи е англиска писателка, можеби најпозната по нејзините криминалистички романи. Токму и затоа била нарекувана „кралица на криминалот“ и „кралица на мистеријата“.

Била родена на 15 септември 1890 година во Торки, Англија. Нејзините дела, како „Убиство во Ориент Експер“ и „Мистеријата на синиот воз“, ја искачија високо на листата на најпродавани автори во историјата.

Во нејзината 56-годишна кариера напишала околу 70 криминалистички романи и 165 кратки криминалистички приказни. Исто така, таа напишала повеќе театарски драми, а меѓу најпознатите е драмата „Стапица за глувци“, која во театарот во Лондон била одиграна повеќе од 25.000 пати и е една од најиграните драми во историјата. Пишувала и љубовни романи, но и мемоари. Нејзините дела се преведени на 50 јазици за книгите да бидат достапни до читателите од целиот свет.

Својот прв роман го објавила во 1920 година. Станува збор за романот „Мистериозната афера во Стајлс“. Овој роман навестил дека Агата ќе стане еден од најпознатите автори на мистеријата. Потоа се нижеле романи како „Убиство во Викаријат“, „Партнери во злосторство“ и „Тажниот чемпрес“. Продала две милијарди копии од своите дела.

Иако е најпозната по криминалистичките романи, била и признат автор на драми и на љубовни романи.

1
Фото: Profimedia


Агата била најмладото дете во семејството, кое било христијанско. Агата, нејзиниот брат Луј и нејзината сестра Маргарет верувале дека нивната мајка е видовита и дека поседува паранормални моќи. Таа ја школувала Агата дома и ја охрабрувала да пишува, додека нејзиниот брат и сестра оделе на училиште. Како дете, Агата сакала игри и фантазирала и создавала ликови.

Кога имала 16 години, се преселила во Париз за да студира пеење и клавир. Таму поминала две години и иако била успешна во музиката, не ја продолжила кариерата во тој правец бидејќи била срамежлива.

Се омажила во 1914 година за полковникот Арчибалд Кристи, кој бил пилот во Кралскиот воздухопловен корпус. Со него ја добила ќерката Розалинд. Во текот на Првата светска војна работела и како медицинска сестра и овој повик го сметала за еден од најхуманите во светот. Во Втората светска војна работела и во аптека и тука се запознала со дејството на лековите. Подоцна мотивите од оваа работа често се појавувале во нејзините криминалистички романи, на пример, труењето.

Својата прва книга, „Мистериозната афера во Стајлс“, ја објавила во 1920 година, а се базирала на убиството на богата наследничка. Во оваа книга на читателите им бил претставен еден од омилените ликови на Агата - белгискиот детектив Херкул Поаро. За својот прв роман Агата со години барала издавач. Во 1926 година таа ја објави книгата „Убиството на Роџер Акројд“, бестселер и еден од омилените романи на Агата. Истата година Агата се соочила со големи проблеми бидејќи починала мајка ѝ, а нејзиниот сопруг ѝ кажал дека е во врска со друга жена.

2
Фото: Profimedia/Агата со нејзиниот прв сопруг Арчибалд Кристи


Во тој период Агата исчезнала. Властите ја нашле по 11 дена во хотелот „Херогејт“, пријавена под името на љубовницата на нејзиниот маж.

Подоцна луѓето се прашувале дали тоа го направила поради маркетинг или навистина доживеала амнезија поради шокот. Агата закрепнала и се развела од Арчибалд во 1928 година. Две години подоцна се омажила за Макс Малован, професор по археологија кој бил 14 години помлад од неа. Со Малован Агата патувала на неколку експедиции на кои се потсетува во мемоарите „Ајде, кажи ми како живееш“. Овие патувања на Блискиот Исток ѝ биле инспирација и за други романи.

Интересно е тоа што кога Агата се омажила за Макс, тој работел со доста признат и познат археолог. Но сопругата на овој археолог не ја сакала Агата, па не дозволувала таа да престојува во археолошкиот камп. Затоа Макс морал да патува со воз за да ја види својата сопруга. Тогаш Агата го напишала романот „Убиство во Месопотамија“, во кој станува збор за убиство на сопруга на археолог. Потоа археолошкиот пар се повлекол и повеќе никогаш не соработувал со Макс Малован.

Агата и Макс живееле усогласено. Имале многу заеднички интереси. И двајцата во своите професии добивале највисоки признанија благодарение на личните заслуги, што е ретко за паровите. Немале деца, а се фокусирале на своите кариери. По венчавката со Макс таа ја објавила книгата „Убиство во Викаријат“, книга што стана уште еден класик, а преку неа на читателите им ја претстави госпоѓица Џејн Марпл.

3
Фото: Profimedia


Неколку од нејзините дела се адаптирани и на филмското платно, а во 1971 година била прогласена за дама командант на Редот на Британската Империја. Последен пат во јавноста се појавила во 1971 година на премиерата на претставата „Убиство во Ориент Експрес“. Инаку, се смета дека овој роман бил напишан бидејќи Агата секогаш се возела во „Ориент Експрес“, па одлучила да го искористи како инспирација за едно свое дело.

Агата починала од природна смрт на 12 јануари 1976 година во нејзиниот семеен дом во Волингфорд, на 86-годишна возраст. Една година по нејзината смрт Макс Малован повторно се оженил, и тоа со своја колешка од археологијата.

Иако и пред да почине Агата кружеле приказни дека Макс бил во врска со оваа жена, брачниот пар воопшто не обрнувал внимание, а и никогаш не било докажано дека Макс навистина ја изневерил Агата. Макс починал една година по стапувањето во овој брак.

Денес, за сите обожаватели на Агата Кристи е достапно изнајмување на нејзиниот дом, за обожавателите да можат да видат како некогаш живеела нивната омилена писателка.

Својот имот и правото од авторските дела Агата ѝ ги оставила на својата ќерка Розалинд, која починала во 2004 година. Денес правата ги има нејзиниот внук, Метју Причард.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура